Евроамбасадорот Михалис Рокас повторно ѝ ја соопшти на Македонија големата европска вистина: владеењето на правото е клучен услов за членство во Европската Унија. Како оваа држава, по две децении извештаи, скрининзи, стратегии, акциски планови, патокази и дипломатски проповеди, првпат да слуша дека судовите треба да судат, администрацијата да работи, а законите да важат.
Пораката дека во владеењето на правото „не може да има компромис“ звучи возвишено, принципиелно и речиси свечено. Проблемот е што доаѓа од Унија која токму на македонскиот пример покажа колку лесно правните критериуми можат да бидат засенети од политички барања, билатерални спорови и национални уцени на нејзини земји членки.
Според Рокас, станувало збор за стандардна процедура што важи за сите кандидати. Навистина утешна формулација. Толку стандардна што Македонија со години исполнуваше услови кои во меѓувреме се дополнуваа, преименуваа и политички надградуваа. Кога еден услов ќе се исполнеше, зад него пристигнуваше друг. Европската врата остануваше отворена само колку да се слушне пораката дека мора уште малку да се почека.

Рокас бара широк политички консензус за Изборниот и Кривичниот законик. Консензусот, се разбира, е посакуван во секоја зрела демократија. Но кога станува збор за Кривичниот законик, се поставува и едно непријатно прашање: дали правото треба да биде резултат на стручна, јавна и институционално одговорна постапка или производ на договор меѓу партиските врвови?
Ако политичките партии зад затворени врати договорат кои кривични одредби ќе важат, кои ќе се ублажат и кога ќе почнат да се применуваат, тоа можеби ќе биде консензус, но тешко дека автоматски ќе стане владеење на правото. Особено ако истиот тој политички договор утре треба да го спроведуваат институции кои, според евроамбасадорот, мора да бидат ослободени од политичко влијание.
Тука европската формула почнува да личи на административен парадокс: партиите треба да се договорат за сè, а судството потоа треба да се однесува како политиката воопшто да не постои.
Евроамбасадорот со право зборува за професионална администрација, пополнување на испразнетите позиции во правосудството и финансиско зајакнување на судството. Но ваквите пораки одамна звучат како задолжителен текст од дипломатски прирачник. Се менуваат амбасадорите, владите и европските извештаи, а речникот останува речиси недопрен: реформи, независност, капацитети, имплементација и консензус.
Во меѓувреме, Рокас го посочува напредокот на Албанија, Украина, Молдавија и особено на Црна Гора. Македонските граѓани треба дисциплинирано да ја набљудуваат колоната што се движи кон европската цел и уште еднаш да заклучат дека проблемот, веројатно, е исклучиво во нив. Брисел, се подразбира, никогаш не греши. Тој само ги менува околностите, методологиите и политичките приоритети.
Никој разумен не може да спори дека на Македонија ѝ се потребни независни судови, одговорно обвинителство, професионална администрација и квалитетни закони. Но тие реформи првенствено им се потребни на македонските граѓани, а не на Рокас, на некој иден евроамбасадор или на бирократска табела во Брисел. Владеењето на правото не смее да биде декорација поставена пред вратата на ЕУ, туку основа на државата.
Токму затоа е легитимно од европските претставници да се побара истата доследност што тие ја бараат од Македонија. Ако навистина „не може да има компромис“, тогаш не треба да има компромис ниту со билатералните блокади, историските условувања и внесувањето национални барања во европскиот пристапен процес.
Најлесно е да се одржи уште една лекција за европските вредности. Многу потешко е тие вредности да се применат кога ќе се судрат со интересите на земја членка.
Затоа пораката на Рокас не е спорна поради она што го содржи, туку поради она што внимателно го премолчува. Македонија несомнено мора да се реформира. Но и Европската Унија мора да објасни дали пристапувањето е правен процес заснован врз еднакви критериуми или политички лавиринт во кој правилата ги менува оној што ја држи вратата.
Сè додека нема јасен одговор, европската реченица дека „истите правила важат за сите“ ќе остане дипломатски беспрекорна и политички сè помалку уверлива.

The post РОКАС СО ЛЕКЦИЈА ЗА ПРАВОТО – НО БЕЗ ОДГОВОР ЗА НЕПРАВДАТА КОН МАКЕДОНИЈА! appeared first on Politika.