
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Македонија е издвоена од останатите земји кои преговараат за прием во Унијата, бидејќи тие веќе преговараат по поглавјата за пристапување, и дека извештајот на напредокот на земјата треба да се гледа како силно охрабрување. Тој во одговор на новинарско прашање на денешната прес конференција, откако ѝ го предаде на Владата извештајот за напредокот, рече дека земјата има добро ниво на подготвеност и е меѓу првите три во спроведување на реформската агенда.
-Што се однесува до одделувањето од земјите кои се во пристапни преговори тоа е поради фактот дека тие земји веќе имаат пристапни преговори, отвораат поглавја, кластери и ги затвораат. Тие напредуваат во самите пристапни преговори и затоа ги направивме оние патокази за нив. Но кога ќе ја погледнеме Северна Македонија, добро знаеме дека земјата има добро ниво на подготвеност и е меѓу првите три земји кога станува збор за реформската агенда, изјави евроамбасадорот Рокас.
На новинарското прашање колку ваквото одвојување на Македонија од останатите кандидатки, меѓу кои и Украина и Молдавија, ќе влијае на зголемување на евроскептицизмот на граѓаните, Рокас рече дека ќе се обидат заедно со Владата да ги донесат потребните промени, кои граѓаните ќе може да ги почувствуваат во секојдневниот живот.
-Во однос на скептицизмот на јавноста сметам дека овој извештај треба да се гледа како силно охрабрување, затоа што има многу детали за сите 32 поглавја од преговорите за пристапување кон ЕУ но и предлози како да се напредува. Ќе се обидеме со Владата да ги донесеме неопходните промени каде граѓаните ќе може да видат напредување во секојдневните животи. Смтам и знам дека ова треба да го гледаме како охрабрување и граѓаните треба да го гледаат овој извештај како позитивен, и тоа е оценка за изминатата година и треба да се преземат напори за да се подобрат работите во следната претстојна година, рече евроамбасадорот.