Поранешниот генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон, во видео порака на отворањето на изложбата „КФОР и Косово +25“ изјавил дека конфликтот во Косово останал длабоко врежан во неговата лична и политичка меморија и дека „ослободувањето на Косово бил еден од најсреќните денови“ во неговиот живот, објави Косовска Прес.

По повод 27-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово, во Националната библиотека „Пјетер Богдани“ во Приштина била отворена фото-документарната изложба „КФОР и Косово +25“, која ги прикажува првите години од повоениот период во Косово преку фотографиите на британскиот документарен фотограф Ник Сејдл.

Изложбата ја организирала Националната библиотека на Косово и Националниот музеј на Косово во соработка со организацијата Хартстоун.

Инсталацијата се состои од фотографии направени во 2000 и 2001 година од британскиот документарен фотограф Ник Сејдл.

Неговите фотографии ги прикажуваат не само активностите на мировниците на КФОР, туку и секојдневниот живот, предизвиците и надежите на граѓаните на Косово за време на периодот на реконструкција.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, помогнал во обезбедувањето пристап и организирање на изложбата на почетокот на 2000-тите, како и за време на 25-годишнината од КФОР во Косово.

Тој рекол дека конфликтот во Косово останал длабоко врежан во неговата лична и политичка меморија.

„Ослободувањето на Косово беше еден од најсреќните денови во мојот живот, а мојата прва посета по ослободувањето беше еден од најзначајните моменти во мојата долга политичка кариера. Генералот Кларк, кој е исто така со нас денес, беше командант во времето на мојата посета. Оваа изложба и овие извонредни фотографии и приказни, кои се истражени и презентирани со голема вештина, заедно со сите луѓе прикажани на нив, сумираат еден од најпаметните периоди од европската историја од крајот на Втората светска војна“, кажал тој.