
Републичката изборна комисија (РИК) на Србија ги прогласи конечните резултати од вонредните парламентарни избори одржани на 25 октомври. Според официјалните податоци, апсолутен победник е „Студентска листа – Студентите победуваат“ која освои 2.354.417 гласови и обезбеди 140 пратенички мандати во Народното собрание. На второто место е листата „Обединета Србија – Александар Вучиќ“ со освоени 1.731.323 гласови, што ѝ носи 103 мандати. Покрај нив, во парламентот влегуваат и малцинските листи: „Сојуз на војводинските Унгарци – д-р Балинт Пастор“ со 35.461 глас (2 мандата), Албанската коалиција со 27.673 гласови (2 мандата), „Расим Љајиќ – Човечки“ со 20.638 гласови (1 мандат), „СДА – Чувари на Санџак“ со 12.596 гласови (1 мандат) и „Усаме Зукурлиќ – Движење за обединување“ со 12.440 гласови (1 мандат).
Надвор од Собранието останаа повеќе изборни листи кои не го поминаа цензусот од три отсто, меѓу кои: „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ (94.766 гласови), „Автентична десница – д-р Милош Јовановиќ“ (39.503), „Богољуб Кариќ – Движење Сила на Србија“ (20.045), „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“ (12.570), „Руска партија – Србите во Брикс“ (6.503), „Партија на руско-српско единство“ (4.286), „Владимир Гајиќ – Алтернатива за Србија“ (3.705), „Мајка Србија – Груда“ (3.234), „Либерално зелена партија“ (2.686), „Тато ова е за тебе“ (2.022) и „Бирам правда, бирам иднина“ (1.187 гласови).
Според статистиката на РИК, право на глас имале 6.451.292 граѓани, а на гласање излегле 4.444.310 бирачи на вкупно 8.392 избирачки места. Регистрирани се 4.385.065 важечки ливчиња. Конечниот извештај е утврден по повтореното гласање на 53 избирачки места каде претходните резултати беа поништени.
Комисијата сега има рок од 10 дена со решение да им ги додели мандатите на кандидатите. Според процедурите, првата седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, а со неа претседава највозрасниот пратеник, потпомогнат од најмладите пратеници од четирите најголеми листи. Откако ќе се потврдат мандатите на најмалку две третини од пратениците, Собранието е конституирано. По тој чин, почнува да тече законскиот рок од 90 дена за избор на нова Влада. Претседателот на Србија, по консултациите со изборните листи, ќе го предложи кандидатот за премиер, кој пред пратениците ќе го претстави својот програм и составот на владиниот кабинет за кој е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници.