Министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со командантот на 1. пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски, изврши увид во реконструираниот објект во касарната „Јане Сандански“ во Штип, како дел од поширокиот план за модернизација на инфраструктурата на Армијата.

При посетата, Мисајловски оцени дека обновата на армиските објекти продолжува со засилена динамика, а реконструкцијата на објектот 35 во штипската касарна претставува една од инвестициите насочени кон подобрување на условите за припадниците на Армијата.

„Последните недели постојано промовираме нови проекти. Насекаде е раздвижено во касарните… Може да видите еден преубав реконструиран објект, се работи за целосна обнова, целосна реконструкција на објектот 35 тука во касарната во Штип. Инвестиција од 33,7 милиони денари“, изјави Мисајловски.

Реконструираниот објект доби нова енергетски ефикасна фасада, обновени електрични инсталации и реконструирани санитарни јазли, а извршени се и други градежни интервенции со цел создавање подобри услови за престој и работа на воениот персонал.

Министерот информираше дека инвестициите во касарната во Штип ќе продолжат и во следниот период. Според него, покрај завршената реконструкција, планирани се дополнителни зафати, меѓу кои и промена на покривната конструкција на војничкиот ресторан и адаптација на нови хангари.

„Во овој момент повеќе од 100 милиони денари ќе инвестираме само во касарната во Штип… веќе е потпишан договор и за промена на покривот во војничкиот ресторан. Исто така работиме на промена и адаптација на нови хангари“, посочи Мисајловски.

Од Министерството за одбрана наведуваат дека вложувањата во инфраструктурата се дел од напорите за подобрување на условите за функционирање на Армијата. Во наредниот период, според најавите, во инфраструктурни проекти за армиските објекти ќе бидат инвестирани повеќе од 12 милиони евра.

Мисајловски потенцираше дека реализацијата на проектите е резултат на соработката меѓу Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, со цел обезбедување современи услови за припадниците на вооружените сили.