Министерот за правда Јетон Шасивари разговараше со амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и со Русудан Табатаџе, раководителка на Одделот за владеење на правото и човекови права, за тековните реформи во правосудството и понатамошната соработка меѓу институциите.

На средбата биле разгледани досегашните активности поврзани со подготовката на реформските закони, како и спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-2028.

Од Министерството за правда информираат дека Шасивари ја истакнал важноста на поддршката што ОБСЕ ја обезбедува во процесот на унапредување на правниот систем, особено при изработката на новиот Кривичен законик и новиот Закон за кривична постапка.

„Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната експертска и техничка поддршка што Мисијата на ОБСЕ ја обезбедува во спроведувањето на реформите во правосудството“, се наведува во соопштението.

Во рамки на разговорите било оценето дека долгогодишното партнерство со ОБСЕ има значајна улога во креирањето модерна законска рамка која треба да биде усогласена со европските стандарди.

„Долгогодишното партнерство со ОБСЕ има големо значење за Министерството за правда во креирањето современа и квалитетна законска рамка, усогласена со европските стандарди“, посочуваат од Министерството.

На средбата на министерот му била врачена и покана за учество на меѓународната конференција „Организиран криминал во затворите“, која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе ја организира на 2 и 3 септември.

На конференцијата се очекува учество на министри, амбасадори, домашни и меѓународни експерти, како и претставници на релевантни институции, а главна тема ќе бидат предизвиците и практиките во справувањето со организираниот криминал во казнено-поправните установи.

Од Министерството најавуваат дека соработката со ОБСЕ ќе продолжи и во иднина, со цел дополнително јакнење на владеењето на правото и подобрување на функционирањето на правосудниот систем.

„Успешната соработка ќе продолжи и во наредниот период, во интерес на понатамошното јакнење на владеењето на правото и правосудниот систем“, се додава во соопштението.