Иаку пазарот на нафта досега покажуваше исклучителна отпорност, таа стабилност е соочена со најголемиот предизвик од почетокот на војната со Иран. Енергетската индустрија успеваше да ги амортизира нарушувањата и да ги заштити потрошувачите од голем раст на цените.

Иако цените на суровата нафта за време на судирот растеа, никогаш не ја надминаа нивната цена од 128 долари по барел од 2022 година, а камоли рекордните 146 долари од 2008 година. Сепак, притисокот на Блискиот Исток зајакнува и нова ескалација би можела да гитурне цените над историските максимуми, пишува „Си-ен-ен“.

„Судирот влегува во значително поопасна фаза“, изјави Хелима Крофт, раководителка на глобалната стратегија во „РБЦ капитал маркетс“. „Тоа би можело да ја промени перцепцијата на оние кои веруваа дека пазарот секогаш ќе најде решение.“

Цената на нафтата во четвртокот првпат од мај надмина 100 долари. Цените на бензинот се стабилизираа над 4 долари, а дизелот се продава за повеќе од 5,20 долари по галон. Податоците од пазарот на обврзници укажуваат на тоа дека загриженоста поради инфлацијата е на највисоко ниво за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп.

Речиси сите механизми кои во изминатите пет месеци ги ограничуваа цените сега се или ослабени или целосно исчезнаа, па постои ризик од нивен дополнителен значителен раст.

По иранските напади врз танкерите во Ормускиот теснец, кои сопреа поголем дел од сообраќајот, пазарот се приспособи. Според податоците на „ЈП Морган“, околу седум милиони барели нафта дневно, наместо низ Персискиот Залив, беа пренасочени преку нафтоводи кон Црвеното Море.

Сепак, од „Капитал економикс“ истакнуваат дека сега и тие алтернативни правци се загрозени. Блокадата на Хутите во протокот Баб-ел-Мандеб затвори уште еден клучен премин за приближно пет милиони барели саудиска нафта дневно.

Саудијците таа нафта можат да ја пренасочат посеверно низ Суецкиот Канал, но најголемите, целосно натоварени танкери не можат да поминат по тој пат, објаснува Наташа Канева од „ЈП Морган“. Дури и ако нафтата се префрли на помали бродови, патувањето преку Средоземјето и околу Африка се продолжува од вообичаените четири на осум недели.

Досега бродовите што поминуваа низ Ормускиот теснец плаќаа високи премии за воен ризик, но осигурувањето беше достапно. Сега и тоа е неизвесно. „Лојдс маркет асосиејшн“ (LMA), здружението на поморски осигурители, во четвртокот изрази сомнеж дали бродовите во иднина воопшто ќе можат да добијат полиси за осигурување за минување низ протокот.

Проблемот настана бидејќи Иран планира повторно да воведе надоместок од 1 до 2 долари по барел нафта, што на режимот би му носело милиони долари по брод. За осигурителите тоа е неприфатливо. LMA во новата клаузула наведува дека плаќањето на тој надоместок на Иран е противзаконско бидејќи со него се прекршуваат американските санкции.

Плаќањето на надоместокот би можело да ја поништи целата полиса, што за бродарските компании претставува огромен ризик. Со оглед на тоа што Иран инсистира на своето право да напаѓа бродови што нема да го платат надоместокот, за нив практично повеќе не постои безбеден пат надвор од протокот.

Проблемот за глобалниот енергетски пазар дополнително го закомпликуваа украинските напади со дронови врз руските рафинерии и терминалот на Каспискиот нафтовод во Црното Море. Тие напади предизвикаа голем недостиг на гориво во Русија, поради што Москва го забрани извозот на дизел.

Со тоа од пазарот беше повлечена огромна количина гориво. Пред забраната, Русија извезуваше 800.000 барели дизел дневно, што чини 12% од светското снабдување, вели Енди Липоу, претседател на компанијата „Липоу оил асосиејтс“. Украинските удари во Црното Море ја загрозија и испораката на сурова нафта.

Иако тој нафтовод не транспортира најголеми количини, со неговото затворање од пазарот би исчезнале 1,7 милиони барели дневно, и тоа токму во моментот кога се блокирани и алтернативните правци за нафтата од Ормускиот теснец.

Клучната разлика помеѓу ситуацијата на почетокот на војната со Иран и денес е количината нафта во складиштата. Пред војната залихите беа на историски највисоки нивоа, додека во последните пет месеци паднаа за 1,3 милијарди барели, покажуваат податоците на компанијата „Пикеринг енерџи партнерс“.

Тоа е особено проблематично за Соединетите Држави, чии стратешки резерви од пролетта се намалени за 116 милиони барели и сега се на најниско ниво од 1983 година. Преостанати се само 60 милиони барели до законски пропишаниот минимум.

И комерцијалните залихи во САД се блиску до оперативниот минимум. Претседателот Трамп во јуни изјави дека таков развој на настаните би можел да предизвика „економска катастрофа“ и дека поради тоа би можеле да го споредуваат со Херберт Хувер, претседателот од времето на Големата депресија.

Нафтата што претходно беше достапна од Ормускиот теснец повеќе не може да помогне. Во јуни, за време на краткото примирје, од протокот излегоа повеќе од 200 милиони барели. Сега таму се наоѓаат само 44 брода, додека непосредно пред потпишувањето на примирјето имаше 97, наведува Навин Дас, аналитичар во компанијата „Кплер“.

Побарувачката за нафта во последните пет месеци беше помала, главно затоа што Кина пред војната создаде значителни залихи, па не мораше да увезува големи количини по високи цени. Сепак, Кина на тие залихи не може да се потпира долгорочно.

Според проценката на Наташа Канева, залихи има за уште приближно три до четири месеци, по што ќе мора да го зголеми увозот. Со тоа се отвора прашањето колку долго цените можат да останат на сегашните нивоа. Со оглед на ограничената понуда, цените се сè уште релативно стабилни бидејќи падот на побарувачката сè уште го ублажува притисокот врз синџирите на снабдување.

Но, ако ситуацијата не се промени, цените ќе продолжат да растат, смета Даан Струјвен од „Голдман Сакс“. Тој предвидува дека нафтата до октомври би можела да ги достигне нивоата од 2022 година и да надмине 120 долари по барел.

Хелима Крофт проценува дека заканата е уште поголема. Според нејзините зборови, во случај на избивање отворен регионален судир, цената на нафтата би можела да надмине 150 долари по барел и да постави нов историски рекорд.