Шест лица – четири жени и двајца мажи, загинаа во пукањето што се случи на Главниот плоштад во полскиот град Краков, додека животот на уште 12 повредени лица е во критична состојба. Полицијата во автомобилот на осомничениот пронајде поголемо количество дополнително оружје и муниција.

Зголемувањето на бројот на загинати го потврди гувернерот на Малополското Војводство, Јан Клечар, нагласувајќи дека лекарите се борат за животите на сите повредени.

„Во болниците се води битка за животите на повредените. Важно е да се истакне дека 12 лица, според тријажната проценка, имаат ‘црвен статус’, што значи дека нивните животи се непосредно загрозени. За жал, мора да соопштам дека не станува збор за пет, туку за шест настрадани лица. Тоа е засега официјалната информација“, изјави Клечар за телевизијата „Полсат њуз“.

Според локалните медиуми, напаѓачот околу 15 часот со автомобил марка „Subaru“ влегол на Главниот плоштад од улицата „Славковска“ и веднаш отворил оган врз собраните граѓани.

Мажот бил облечен во воена униформа и користел долга огнена пушка од воен тип. По нападот врз минувачите, тој отворил оган и врз полициските службеници кои тргнале во потера по него.

Осомничениот бил ранет во размената на оган со полицијата, а потоа лишен од слобода. Меѓу повредените се наоѓаат и двајца полицајци.

Полската полиција соопшти дека осомничениот е полски државјанин и дека властите не трагаат по други соучесници.

На местото на настанот итно интервенираа полицијата, противпожарните екипи и Брзата помош, а беше ангажиран и медицински хеликоптер. Покрај тоа, според весникот „Газета виборча“, било пукано и кон трамвај на линијата број 1, при што било искршено стаклото од кабината на возачот, но за среќа ниту еден од патниците не е повреден.

Мотивот за нападот засега останува непознат, а полицијата ги истражува сите околности околу овој трагичен инцидент.

Текстот Расте бројот на жртви во Краков: Напаѓачот носеше воена пушка, во автомобилот криеше цел арсенал оружје е превземен од А1он.