
Британскиот актер и комичар Расел Бренд е прогласен за виновен за силување и три сексуални напади врз четири жени, по четиринеделно судење во Кралскиот суд во Саутворк, Лондон.
Поротата денеска донесе едногласна одлука за четирите обвиненија, објави „Гардијан“.
Бренд (51) беше осуден за едно силување и три сексуални напади. Истовремено, поротата го ослободи од обвиненијата за две други силувања и еден обид за непристоен сексуален напад.
Случаите се однесуваат на инциденти во периодот од 2004 до 2009 година. Меѓу нив е силувањето на 21-годишна обожавателка, која го запознала Бренд по негов настап во 2009 година. Тој беше прогласен за виновен и за сексуален напад врз вработена во радиостаница, како и за два други сексуални напади врз жени во Лондон.
Бренд ги негираше сите обвиненија. Во текот на судењето тврдеше дека сексуалните односи биле доброволни и дека никогаш не принудил жена на нешто против нејзината волја.
По објавувањето на пресудата, судијата Џоел Бенатан соопшти дека актерот се соочува со значителна затворска казна. Неговото барање да биде ослободен со кауција беше одбиено поради опасност од бегство, по што беше однесен во притвор.
Изрекувањето на казната е закажано за 9 ноември.
Истрагата против Бренд започна по објавувањето на сведоштва и обвинувања во истражувачки прилог на британската телевизија Канал 4 и во весниците „Тајмс“ и „Сандеј тајмс“ во септември 2023 година.
Лондонската полиција соопшти дека во текот на истрагата разговарала со повеќе од 100 сведоци и прибрала над 400 изјави.