Шеснаесет јавачи од струмичкиот регион, како дел од Радовската коњаница, утрово од селото Радово, општина Босилово, го започнаа традиционалниот Илинденски марш кон славното Крушево. На 2 Август – Илинден, тие ќе им се придружат на коњаниците од повеќе градови во државата и ќе бидат дел од централната свеченост на Мечкин Камен.

Годинава кон славното Крушево се упатија Матеј Сирачев, Никола Г. Сирачев, Стојанчо Карамазичев, Марјан Ѓоргиев, Игор Манолев, Ѓорги Сирачев, Љупче Атанасов, Никола И. Сирачев, Иван Наков, Павле Алачев, Марјан Јовановски, Стефано Јовановски, Климе Наков, Наце Јаков, Кире Гонев и Виктор Сирачев.

Пред поаѓањето, во црквата „Св. Пророк Илија“ во Радово беше отслужена утринска литургија, по што коњаниците добија благослов од свештеникот за безбедно патување. На испраќањето присуствуваа голем број жители на Радово и околните населени места, како и градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев, кој им посака среќен пат и успешно пристигнување во Крушево.

Заминувањето на Радовската коњаница беше одбележано и со народен собир што се одржа претходната вечер во Радово, организиран во чест на коњаниците и нивното тргнување на традиционалниот марш.

Ова е петто учество на Радовската коњаница на Илинденскиот марш кон Крушево, со што продолжува традицијата на оддавање почит на илинденците и на хероите од Крушевската Република. По неколкудневно патување, коњаниците на 2 август ќе пристигнат на Мечкин Камен, каде ќе бидат дел од одбележувањето на еден од најзначајните датуми во македонската историја.

The post Радовската коњаница по петти пат тргна кон Крушево – 16 јавачи од струмичко ќе бидат дел од илинденската свеченост на Мечкин Камен appeared first on Radio StrumicaNet.