
И покрај меѓународните санкции воведени по почетокот на руската инвазија на Украина, лица од најтесниот круг на рускиот режим и понатаму објавуваат научни трудови во угледни западни списанија. Меѓу нив се и двете ќерки на рускиот претседател Владимир Путин. Украинското истражување спроведено од Центарот за истражување лажни вести и пропаганда при Универзитетот во Суми покажува дека од 2022 година, осум санкционирани руски државјани објавиле вкупно 76 трудови.
Најголем удел од овие објави, дури 57 отсто, потпишуваат издавачи од САД, по што следуваат швајцарските со 19 и британските со 15 отсто. Двете ќерки на Путин, Марија Воронцова и Катерина Тихонова, се под санкции на САД, ЕУ и Швајцарија. Воронцова, која како ендокринолог ги надгледува државните програми поврзани со генетика, објавувала трудови кај издавачите „Springer Nature“ и швајцарскиот „MDPI“. Нејзината сестра Тихонова, која го води Центарот за вештачка интелигенција и развива технологии за електронско војување, своите трудови ги објавувала кај американскиот издавач „Allerton Press“, и покрај тоа што американското Министерство за финансии ѝ воведе санкции во април 2022 година.
На листата се наоѓаат и други високи руски функционери и лица поврзани со одбранбениот сектор, како Михаил Ковалчук од Институтот Курчатов и Владимир Литвиненко, чии трудови биле дистрибуирани од престижни британски и американски издавачи. Украинските истражувачи предупредуваат на можните финансиски последици, посочувајќи дека објавувањето во списанија со отворен пристап често вклучува надоместоци кои почнуваат од 2.500 долари по труд. Доколку овие средства биле плаќани од санкционирани поединци или руски државни фондови и поминувале низ западниот банкарски систем, тоа би значело кршење на финансиските санкции.
Поради ова, истражувачкиот тим заедно со украинското Министерство за образование подготвува официјални поплаки до меѓународните тела задолжени за спроведување на санкциите (како американскиот OFAC, британскиот OFSI и Европската комисија). Инаку, ова истражување се надоврзува на претходните откритија кои покажаа дека семејствата поврзани со рускиот одбранбен сектор, како производителите на дроновите „ZALA Lancet“, продолжуваат да купуваат луксузни недвижности во Лондон, додека нивните компании ја снабдуваат руската војска.