
Рускиот претседател Владимир Путин ја прими министерката за надворешни работи на Северна Кореја и му се заблагодари на Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, за поддршката во војната против Украина. Руските државни медиуми ја опишуваат средбата како продолжение на интензивната дипломатија меѓу двете држави.
Посетата на министерката Чое Сон Хуи не е поврзана со некој меѓународен собир или годишнина, што поттикна шпекулации дека таа би можела да го подготвува новото доаѓање на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Русија. Државните медиуми во Пјонгјанг известија дека Чое отпатувала завчера на покана на рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, но не наведоа детали за целите на посетата.
Портпаролот на јужнокорејското Министерство за обединување, Јун Мин Хо, изјави денеска дека Сеул будно го следи развојот на настаните, но не сакаше да шпекулира дали двете страни разговараат за нов самит. Руската агенција Тасс пренесува дека Путин на состанокот во Кремљ ги пофалил билатералните односи и ја повторил „благодарноста до севернокорејското раководство и народ“ за поддршката на воената операција во Украина.
Чое му пренела на Путин дека Ким е посветен на „сеопфатниот развој“ на односите со Русија. Последните години Ким Џонг Ун ја одреди Русија како надворешнополитички приоритет. Во знак на поддршка на војната во Украина, тој испрати илјадници војници и големи количества вооружување, веројатно во замена за економска помош и трансфер на технологија.
Дел од експертите проценуваат дека ваквата соработка ги зајакнува воените капацитети на Северна Кореја. Ким истовремено работи и на зајакнување на врските со Кина, а во јуни во Пјонгјанг го угости кинескиот претседател Си Џинпинг. Со тоа го прифаќа концептот на „нова студена војна“ и ја позиционира Северна Кореја како дел од блокот што му се спротивставува на Вашингтон.
Посетата на министерката Чое на Москва се случува непосредно по серијата состаноци меѓу севернокорејски и кинески официјални лица. Севернокорејскиот премиер Пак Тхае Сонг, клучниот човек на Ким за економија, се сретна со Си во Пекинг, а Ванг Хунинг, член на Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина, го посети Пјонгјанг.
По неуспехот на преговорите за денуклеаризација со американскиот претседател Доналд Трамп во 2019 година, Ким го прекина дијалогот со САД и со Јужна Кореја. Војната во Украина ја искористи за забрзан развој на сопствената нуклеарна и ракетна програма, со барање Вашингтон да се откаже од денуклеаризацијата како предуслов за нови преговори.