Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека новата рунда трилатерални преговори меѓу Русија, САД и Украина за завршување на војната ќе започне во вторник, на 10 ноември, во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, објави денеска Анадолу, повикувајќи се на руските новински агенции.

Путин го соопштил датумот за време на состанокот со постојаните членови на Советот за безбедност на Русија, на кој присуствувале и претставници на руската делегација што треба да отпатува во Обединетите Арапски Емирати.

„Со оглед на тоа што преговорите треба да се одржат во вторник, ги поканив колегите кои ќе учествуваат во овие разговори“, изјавил Путин, пренесува РИА Новости.

Според руските државни медиуми, разговорите ќе траат два дена, односно на 10 и 11 ноември.

Руската делегација ќе ја предводи претседателскиот советник Владимир Медински. На состанокот со Путин присуствувале и шефот на руската воена разузнавачка служба Игор Костјуков, советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков и замениците министри за надворешни работи Михаил Галузин и Сергеј Рјабков.

Претходно, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф соопшти дека американската страна ќе ги собере руската и украинската делегација во Абу Даби. Според најавите, на разговорите ќе бидат опфатени безбедносните гаранции за Украина, деескалацијата на конфликтот, хуманитарните прашања и следните чекори кон мировно решение.

Зеленски претходно изјави дека Украина е подготвена да учествува во разговорите, но нагласи дека суштинските прашања за завршување на војната треба да се решаваат на највисоко политичко ниво.