Рускиот претседател Владимир Путин му додели медал „Пушкин“ на германскиот публицист и претприемач Александар фон Бизмарк, кој одржува контакти со германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) и со политички кругови блиски до Москва.

Церемонијата се одржа во Кремљ, по повод рускиот Ден на националното единство, објавија германските медиуми повикувајќи се на руската државна новинска агенција ТАСС.

Медалот „Пушкин“ се доделува за значајни достигнувања во областа на културата и уметноста, зачувување на историското наследство и придонес во промовирањето на руската култура во странство.

Во обраќањето по примањето на одликувањето, фон Бизмарк се повика на изјава која му се припишува на неговиот далечен роднина, поранешниот германски канцелар Ото фон Бизмарк, според која Европа има корист кога Германија и Русија одржуваат пријателски односи. Тој рече дека и самиот се залага за таква политика.

Фон Бизмарк е основач на германско-рускиот проект „Бизмарк дијалог“. Неговите контакти со АфД се документирани во повеќе јавни настапи. Летово парламентарната група на АфД го поканила како учесник на конференција посветена на слободата на изразување, медиумите и човековите права.

Во јуни годинава, тој придружувал двајца европратеници од партијата Алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ) на разговори во Москва.

Во октомври присуствувал и на отворањето телевизиско студио на германското списание „Компакт“ во Магдебург, кое германската служба за заштита на уставниот поредок го оценува како екстремно десничарско.