Претседателот на Русија, Владимир Путин, повторно го критикуваше Западот и порача дека го пуштиле духот од шишето со донесувањето одлуки кои, според неговото мислење, не се во согласност со Повелбата на Обединетите нации.

Првиот човек на Русија нагласи дека овој документ е темел на современото меѓународно право. Путин потсети дека СССР бил еден од основачите на ОН и архитект на меѓународното право и на системот на меѓународни односи. Според зборовите на Путин, ситуацијата се променила по распадот на земјата.

„Таканаречените победници во Студената војна – не само Соединетите Американски Држави, туку и целиот колективен Запад – одеднаш решија дека нешто треба да се коригира: зошто Русија, повеќе не Советскиот Сојуз, туку Русија, која го изгуби својот добро познат потенцијал, да ги ужива истите бенефиции како и земјата победничка во Втората светска војна?“, рече тој.

Путин потоа објасни дека западните земји веднаш почнале да владеат во пракса и укажа на настаните што се случија во Југославија.

„Сега нема да носам никакви судови – тоа е сложен процес. Но поделбата на српскиот народ на различни национални делови и така натаму. Беа донесени одлуки кои беа целосно во спротивност со Повелбата на Обединетите нации. Едноставно го пуштија духот од шишето“, додаде претседателот.

На Денот на морнарицата, Путин разговараше со рускиот поморски кадар во Санкт Петербург. За време на разговорот, потсети дека современиот светски поредок настанал по Втората светска војна врз основа на Повелбата на ОН, која ја формирале земјите победнички.