
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој приватните центри за податоци (дата-центри) во Русија се обврзуваат да резервираат 10 проценти од своите просторни и технички капацитети за потребите на руската информатичка инфраструктура.
Според денешното известување на „Ројтерс“, мерката треба да им овозможи на руските власти брзо да пристапат до дополнителни компјутерски ресурси доколку се појави потреба за одржување на функционирањето на домашните информатички системи и онлајн-услуги.
Указот предвидува сопствениците на приватните дата-центри да го формираат резервниот капацитет во рок од најмногу десет дена од неговото стапување во сила. Резервираните ресурси ќе можат и понатаму да ги користат самите оператори, но доколку специјална поткомисија при руската Влада донесе одлука за нивно активирање, тие ќе мора да ги стават на располагање во рок од 24 часа.
За спроведување на мерката, Министерството за дигитален развој ќе треба да направи попис на слободните просторни и технички капацитети во приватните дата-центри низ Русија.
Документот предвидува и можност за привремено користење на дата-центри надвор од руската територија за потребите на домашните информатички ресурси. За такво нешто ќе биде потребна одлука на владината поткомисија, усогласена со Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Мерката доаѓа во период кога руските центри за податоци се соочуваат со зголемени безбедносни ризици. „Ројтерс“ потсетува дека во октомври беа нападнати објекти на технолошките компании „Јандекс“ и „Сбербанк“, кои управуваат со големи дата-центри во Русија.
По нападите, дел од инфраструктурата претрпе оштетувања и прекини во функционирањето, а руското Министерство за дигитален развој работеше на обезбедување дополнителни капацитети за одржување на услугите.