Путин доби нова сојузничка во ЕУ, жената што бара укинување на санкциите за Русија освои над милион гласови Јотова на претседателските избори во Бугарија освои 57,58 проценти од гласовите, а Ѓуров 39,47 проценти

Вршителката на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова, победи во вториот круг од претседателските избори, покажаа речиси конечните резултати на Централната изборна комисија во понеделникот, со што стана првата жена на таа функција.

Врз основа на 99,95 проценти обработени гласачки ливчиња, Јотова во вториот круг од изборите во неделата освои 57,58 проценти од гласовите, односно околу 1,1 милион, додека нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров доби 39,47 проценти, односно околу 749.500 гласови. Околу 2,95 проценти од избирачите не му дадоа поддршка на ниту еден од кандидатите.

Во првиот круг на 25 октомври ниту еден кандидат не ја освои мнозинската поддршка потребна за победа. Јотова водеше со 34,6 проценти од гласовите, а веднаш зад неа беше Ѓуров со 32 проценти.

Илијана Јотова (62) е искусна бугарска политичарка и поранешна новинарка. Политичката кариера ја градеше во Бугарската социјалистичка партија (БСП), а од 2007 до 2017 година беше пратеничка во Европскиот парламент, каде што ѝ припаѓаше на групата на социјалистите и демократите. Потоа десетина години ја вршеше функцијата потпретседателка на Бугарија покрај Румен Радев, со кого е политички блиско поврзана.

На претседателските избори ја уживаше поддршката од партијата на Радев „Прогресивна Бугарија“, која има парламентарно мнозинство, како и од Бугарската социјалистичка партија. Нејзината победа така дополнително ја зацврстува политичката позиција на Радев, кој по заминувањето од претседателската функција ја презеде владата.

Јотова се залага за продолжување на европската интеграција на Бугарија, но истовремено и за подобрување на односите со Русија и за укинување на санкциите за Москва. Исто како и Радев, повикува на дипломатско решение за војната во Украина, а за време на кампањата се претставуваше како претседателка на мирот и се залагаше за преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Нејзиниот противкандидат Андреј Ѓуров застапуваше поизразени прозападни ставови, посилна поддршка за Украина и блиска соработка со НАТО. Иако претседателската функција во Бугарија е главно церемонијална, шефот на државата има одредени уставни овластувања, вклучувајќи го и правото на вето врз законите.