По воведување на авиолинијата Скопје-Тиват, која ќе стартува од први мај следната година, од владите на Црна Гора и Македонија размислуваат да воведат уште две линии. Министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски за „Локално“ изјави дека ги разгледуваат можностите со „Ер Монтенегро“ да се воведат и линии Тиват-Охрид и Подгорица-Скопје.

-Има можност за отворање на три авиолинии. Едната е оваа која што денес ја промовираме, таа е од Тиват до Скопје, исто така размислуваме за Тиват-Охрид и за Подгорица-Скопје и тоа се трите можности кои ги разговараме со „Ер Монтенегро“. Стартуваме со Тиват-Скопје, мислам дека резултатите ќе се одлични и дека тоа ќе поттикне во следниот период да зборуваме и за други авионски линии, истакна Николоски.

Тој рече дека првите летови стартуваат на први мај следната година и за почеток ќе има двапати неделно летови.

-Се надевам деа сериозно ќе придонесе не само на зголемување на бројот на патници и размена межу двете држави, туку и за зголемување на туризмот и бизнис размената меѓу наште две пријателски држави, обелодени вицепремиерот.

Неговиот црногорски колега и тамошен министер за европски прашања, Филип Ивановиќ за „Локално“ изјави дека оваа прва авиолинија која ја воведуваат меѓу двете држави е само почеток и дека зависно од интересот на авиокомпаниите, сакаат да воведат уште две.

-Во Црна Гора се Тиват и Подгорица, а во Македонија Скопје и Охрид и она што беше наша политичка желба на нашите Влади е да се воспостави директна авиоповрзаност, а на компаниите како што е националната авиокомпанија „Ер Монтенегро“ и другите авио-компании во Црна Гора и Македонија да го видат комерцијалниот интерес во тоа. Ова може да го сметаме само како почеток за авиоповрзаност, да видиме како ќе се одвива оваа прва авиолинија. Зависно од нејзините резултати сосема сигурно ќе разговараме за отворање и на други линии, кажа Ивановиќ.

Министерот Николоски најави дека за следната година со Црна Гора планираат да организираат бизнис-форум на кој компаниите од двете земји ќе може да се поврзат и да соработуваат. Тој рече дека со изградба на автопатот Скопје-Блаце ќе значи отворање на Македонија кон Црна Гора и дека ќе има отворање кон трето пристаниште, а тоа е пристаништето во Бар.

Е.Б.