Со Националната стратегија за развој на туризмот 2027 – 2032 поставуваме цврсти темели на еден современ, одржлив и амбициозен пристап, кој треба да ја трансформира нашата земја во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко – рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков во обраќање на првата јавна расправа за Националната стратегија.

Љутков очекува оваа стратегија да даде јасни одговори и конкретни решенија за: рамномерен регионален развој на туризмот во целата земја; ефективен дестинациски менаџмент на локално и на национално ниво;  одржлив туризам, кој ги штити природните и културните ресурси; дигитализација на услугите и промоција на македонскиот туризам; развој на нови високовредносни производи во културниот, езерскиот, планинскиот, руралниот, винскиот и искуствениот туризам и подобрување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.

Според министерот за култура и туризам, Националната стратегија 2027 – 2032 се изработува според најсовремени европски практики и методологии, со широко учество на домашни и на меѓународни експерти, на академската заедница и реалниот сектор.

– Не сакаме овој документ да остане на полица, туку оперативна и функционална стратегија, која ќе биде вистинско средство за развој и ќе донесе видливи резултати – порача Љутков.

Тој укажа дека развојот на туризмот не е само економска категорија, туку е двигател на вкупниот развој на државата, создава нови работни места, поттикнува инвестиции, ја зајакнува локалната економија и го промовира меѓународниот имиџ на Македонија.

– Во време на брзи глобални промени, дигитализација, нови очекувања на туристите и засилена конкуренција, ние не смееме да останеме пасивни набљудувачи. Потребен ни е храбар, стратешки и долгорочен пристап. Македонија е земја со огромен, но сè уште недоволно искористен потенцијал. Нашите прекрасни планини и национални паркови, кристалните езера, богатото културно и археолошко наследство, традиционалната кујна, винските региони и автентичната гостопримливост на нашиот народ се вистинско богатство, кое може и мора да стане силна конкурентска предност на меѓународниот туристички пазар – рече министерот за култура.

 

The post ПРВА ЈАВНА РАСПРАВА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ТУРИЗАМ Љутков не сака документ што ќе ги краси полиците, туку да даде резултати во развојот на туризмот appeared first on plusinfo.mk.