Позитивен импулс, но засега без решение за деблокада на македонските преговори со Европската унија. Разговорите со Софија и Брисел продолжуваат, но нема отстапки поврзани со националниот интерес, историјата и идентитетот, вели шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски. Заштита на човековите права и системското непочитување на правата на Македонците во Бугарија остануваат во фокусот на дипломатските активности на македонското МНР.

Сепак, изненадува изјавата на министерот дека Протоколите со Бугарија не се составен дел од Преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, ако се земат во предвид претходните ставови на неговата партија, на неговите колеги министри, на премиерот, на претседателката на државата, на повеќе политички аналитичари…„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“, рече Муцунски во петокот на прес. Министерот дополнително тврди дека рамката не содржи експлицитна или имплицитна одредба за моментот на стапување во сила на уставните измени и дека токму тука се разликува од содржината на Вториот протокол.

За подобро објаснување дали ова е нов момент во процесот, „Локално“ разговараше со политикологот и извршен директор на „Евротинк“, Димитар Николовски. Според него, може да се забележи одредено поместување во реториката, но сѐ уште е рано да се каже дека станува збор за суштинска промена на официјалната позиција на Владата.

-Она што е интересно е што за првпат од висок владин претставник слушаме појаснување дека билатералните протоколи не се формален дел од Преговарачката рамка. Тоа е правно гледано точно – Протоколите не се составен дел од самиот документ што ја претставува Преговарачката рамка. Но, истовремено, не може да се игнорира фактот дека Преговарачката рамка и Заклучоците на Советот на ЕУ упатуваат на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство и од неговата имплементација, вклучително и преку Протоколите. Оттука и претходните изјави дека тие имаат практично значење за процесот не се без основа, вели Николовски.

Димитар Николовски – Фото: Локално

Според него, веројатно не станува збор за промена на фактите, туку за различно политичко толкување на нивната тежина.

-Ако ова е почеток на нова комуникациска стратегија, таа најверојатно има цел да направи разлика помеѓу формално-правниот статус на Протоколите и нивната политичка улога во процесот. Дали тоа е нов владин став или лична интерпретација на министерот Муцунски, ќе може да се оцени само ако ваквата порака стане конзистентна кај сите носители на власта, истакнува соговорникот.

Официјалниот текст на Преговарачката рамка бара Македонија да постигнува видливи резултати и добросовесно да го спроведува Договорот со Бугарија, вклучително и годишните прегледи и мерките за негово спроведување, според Член 12. Токму протоколите се усвојуваат во рамките на таа меѓувладина комисија.

Во Вториот протокол експлицитно е запишано дека следната меѓувладина конференција со ЕУ, со која треба да заврши почетната фаза од преговорите, ќе се одржи откако уставните измени ќе стапат во сила и Бугарите ќе бидат внесени во Уставот.

Запрашан дали ваквиот став е дел од изјавата на европскиот амбасадор Михалис Рокас дека под радарот се водат разговори за решавање на проблемот за европскиот пат, Николовски вели дека е претпазлив со такви заклучоци, ако се земе во предвид дека засега нема јавни индикации дека се преговара за измена на Преговарачката рамка или за формално исклучување на Протоколите од поширокиот процес.

-Таква одлука би барала согласност од сите земји членки, што е исклучително сложен процес.
Сепак, можно е во дипломатските контакти да се бараат начини како да се намалат политичките тензии околу ова прашање и да се создаде простор за продолжување на евроинтегративниот процес. Изјавата на амбасадорот Рокас дека разговорите продолжуваат „под радарот“ може да се сфати како сигнал дека постојат дипломатски напори, но не и дека веќе е постигнат договор, оценува директорот на „Евротинк“.

Во тој контекст, додава соговорникот, не би било изненадување ако сите страни постепено почнат да користат попрецизен правен јазик за тоа што формално е дел од Преговарачката рамка, а што претставува политичка или билатерална обврска поврзана со нејзиното спроведување.

-Тоа, сепак, само по себе не го менува клучниот факт: без исполнување на преземените обврски и без политички договор со Бугарија, процесот на отворање на преговарачките поглавја останува блокиран. Затоа, вистинското прашање не е како ќе се квалификуваат Протоколите, туку дали ќе се најде политичко решение што ќе овозможи продолжување на пристапните преговори, заклучува Николовски.

Колку за потсетување, екс-министерот Бујар Османи уште во август 2023 година објави видео во кое шематски ја црташе преговарачката рамка и објаснуваше дека бугарските протоколи не се дел од самата Преговарачка рамка и според него, се билатерални документи меѓу Македонија и Бугарија.

Со свој став за овој наратив од Владата, се огласи и поранешниот член на Историската комисија со Бугарија, универзитетскиот професор Огнен Вангелов. Тој потенцира дека во самите документи насловот на Протоколот од 17 јули 2022 година гласи:

Огнен Вангелов – Фото: Фејсбук/Солуција

„Протокол од втората седница на Заедничката меѓувладина комисија, формирана согласно со член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, одржана на 17 јули 2022 година.“

(превод) Параграф 5 од Преговарачката рамка со ЕУ изречно се повикува на: „…годишните прегледи и мерките за негово [Договорот од 2017] ефективно спроведување согласно со член 12 од Договорот.“

(превод) А член 12 од Договорот утврдува: „Заедничката меѓувладина комисија одржува редовни состаноци еднаш годишно заради разгледување на ефективното спроведување на овој Договор и усвојување мерки за подобрување на билатералната соработка, како и за решавање на проблемите што се појавуваат при неговото спроведување.“

(превод) Врската е директна и недвосмислена: Протоколот е донесен согласно со член 12; член 12 предвидува годишно разгледување на спроведувањето и усвојување мерки; а параграф 5 од Преговарачката рамка изречно се повикува токму на тие годишни прегледи и мерки.

Затоа, прашањето не е дали Протоколот е физички приложен кон Рамката како анекс. Прашањето е дали е вклучен во пристапниот процес преку директното повикување на механизмот од член 12 во Преговарачката рамка, во параграф 5, каде што се наведени и Копенхагенските критериуми. Одговорот е недвосмислено: да. Точките 2 и 3 од Вториот протокол го операционализираат процесот на бугарски надзор врз спроведувањето на Договорот од 2017 година сѐ до членството во ЕУ, онака како што го толкува Бугарија.

Тоа е фактичката и правната врска. Таа не исчезнува со политичко негирање“, објави Вангелов на социјалните мрежи.

Министерот Муцунски вели ова било толкување на Бугарија, а неговото правно толкување било поинакво. Оттаму Вангелов прашува кое е тоа правно толкување и бара објаснување врз основа на документите зошто Протоколот не е дел од Преговарачката рамка.

Пред повеќе од еден месец, премиерот Мицкоски порача дека европратениците треба да го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ.

„Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи, треба да ја исправи неправдата што ѝ е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој Протоколите не се составен дел од Преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ“ рече Мицкоски на 17-ти јуни.

Н.П.