
Во Белград се приведени 12 активисти на иницијативата „Поддршка за народот на Палестина“ по протестот против отворањето на израелска фабрика за дронови во Србија, објави вчера оваа организација.
Активистите биле приведени додека, како што тврдат, мирно се движеле по протестот во улицата „Кнез Михаилова“, а во моментов се наоѓаат во две полициски станици – во „Мајке Јевросиме“ и во улицата „Савска“, се додава во соопштението.
Протестот се одржа пред кулата „Скајлајн“ на улицата „Кнеза Милоша“, а заврши пред трговскиот центар кај „Рајиќева“, се наведува во соопштението придружено со видеоснимка на Фејсбук.
Организацијата „Поддршка за народот на Палестина“ додаде и дека граѓаните и нивните активисти бараат приведените веднаш да бидат пуштени на слобода.
Организацијата „Студенти во блокада“ објави дека полицијата привела десет граѓани кои учествувале на протестот кај „Рајиќева“, меѓу кои и двајца студенти од Филозофскиот факултет. Тие наведоа дека приведените студенти во моментов се наоѓаат во полициската станица „Стари град“.
Здружението „Поради граѓаните на Стари град“ објави дека полицијата во „Кнез Михаилова“ привела 12 учесници на пропалестинскиот протест по завршувањето на собирот. На својот профил на мрежата „Х“тие објавија видеоснимка за која тврдат дека е од местото на настанот.
Министерството за внатрешни работи на Србија не се огласи во врска со овие приведувања.