Програмата опфаќа реализација на настани, тренинг-програми, вмрежување и менторство на мали и средни претпријатија кои допрва ќе започнат или веќе извезуваат производи и услуги надвор од границите на Македонија.

Во фокусот на програма е јакнењето на капацитетите на македонските компании, преку стекнување на нови знаења и вештини поврзани со справување со извозните предизвици.

„Во ПроКредит Банка веруваме дека силните извозни компании се од исклучително значење за економскиот развој на земјата. Затоа, покрај финансиската и советодавната поддршка по која сме препознатливи кај компаниите, продолжуваме да им помогнеме на македонските претпријатија да стекнат знаење, практични вештини и пристап до експерти кои ќе им помогнат полесно да настапат на странските пазари. Преку сеопфатната програма, заедно со ЕБОР и М6 Едукативен Центар сакаме да создадеме подобри можности за компаниите да растат, да ја зголемат својата конкурентност и успешно да го претставуваат македонскиот квалитет надвор од границите на земјата“, изјави Ана Николова, директор на Одделот за бизнис во ПроКредит Банка.

Првиот настан што се одржа на 2 јуни во просториите на М6 Едукативен Центар беше мастеркласот „Извоз што носи раст“ кој беше добар вовед и најава на сеопфатната програмата. Настанот собра на едно место над 50 претставници од бизнис-заедницата, претприемачи и компании од различни индустрии, кои имаа можност да слушнат практични совети, реални искуства и конкретни насоки за тоа како локалните бизниси можат да станат поконкурентни на меѓународните пазари.

„М6 беше препознаен од страна на ЕБОР и ПроКредит Банка како институција што дава поддршка и партнер за раст на македонските компании. Во таа насока, развивме бројни настани, посебна тренинг-програма и ќе подготвиме материјал за дигитално учење, преку кој компаниите ќе имаат можност да стекнат знаења и да добијат совети за интернационализација на бизнисот. Се надевам дека ќе имаме сѐ повеќе компании што ќе извезуваат и креираат вредности за економијата, општеството и граѓаните“, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен Центар.

Свои обраќања имаа Зоран Мартиновски, меѓународен експерт за финансии и меѓународна трговија, и Дарко Човиќ, меѓународен бизнис-лидер, експерт за деловна трансформација и директор во ВВ „Тиквеш“. Тие пренесоа практични примери и искуства од бизнисот, акцентирајќи ја важноста на стратешкиот пристап, адаптибилноста и долгорочното планирање при освојување нови пазари.

Како продолжение на иницијативата „Извоз што носи раст“, во периодот од 10 до 15 јуни ќе се одржи серија од пет тематски вебинари, посветени на различни индустрии и сектори со значаен извозен потенцијал. Преку разговори со претставници на успешни компании, индустриски лидери и експерти, учесниците ќе имаат можност да слушнат реални искуства, практични совети и конкретни примери за раст, позиционирање и настап на странските пазари.

Вебинарите ќе опфатат теми од агроиндустријата, прехранбената и винската индустрија, производството и текстилната индустрија, секторот за стока за широка потрошувачка (FMCG), ИКТ и услугите, како и металната индустрија. Меѓу говорниците ќе бидат претставници од успешни македонски компании и организации како „Витаминка“, ВВ „Тиквеш“, „Бимилк“, „Завар“, „Раде Кончар ТЕП“ и други професионалци со долгогодишно искуство во развојот на домашните брендови и нивниот настап во странство.

По завршувањето на вебинарите, предвидени се обуки на тема извоз за компании што веќе извезуваат, како и за компании што не извезуваат или се во почетна фаза на извоз, проследени со можност за индивидуални менторски сесии со компаниите. Во следниот период ќе се креираат и дополнителни видеосодржини, кои ќе бидат достапни за поголема група компании.

Со овие иницијативи се отвораат нови можности преку стекнување нови вештини за сите компании од Македонија што сакаат успешно да го продолжат својот настап на странските пазари, пласирајќи го македонскиот квалитет надвор од границите.

ЕБОР повеќе од три децении го поддржува приватниот сектор во земјава и препознава дека извозот е клучен за долгорочна конкурентност и одржлив раст на македонските компании, а со тоа и за развојот на економијата. Банката останува посветена на поддршката на приватниот сектор преку разни механизми за пристап до финансии и нефинансиски услуги.

Преку вакви иницијативи, организаторите ја потврдуваат својата посветеност кон поддршка на домашните компании, нивниот развој и создавањето нови можности за одржлив раст и меѓународно поврзување. По официјалниот дел од настанот „Извоз што носи раст“ следуваше сесија за вмрежување, за време на која присутните имаа можност да разменат искуства, идеи и да воспостават нови деловни контакти.

Програмата се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија.

The post ПроКредит Банка, ЕБОР и М6 Едукативен Центар лансираат нова програма за развој на извозот кај компаниите во Македонија first appeared on КАПИТАЛ.

The post ПроКредит Банка, ЕБОР и М6 Едукативен Центар лансираат нова програма за развој на извозот кај компаниите во Македонија appeared first on КАПИТАЛ.