
Професионалните војници ќе протестираат пред Влада на 7-ми ноември, со барање за законско решавање на нивниот статус. Тие објаснија дека со сегашната состојба во Армијата војниците се ангажирани со договори на определено време и дека кога ќе ја навршат возраста за пензионирање остануваат без право на пензија.
-Нашите барања се јасни и непреговарачки, законско решение за статусот на професионалните војници, зголемување на платите и обештетување на поранешните припадници на Армијата, изјави Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници.
Од Независниот синдикат рекоа дека ќе излезат пред Владата на масовен, достоинствен и одлучен протест против игнорирањето на синдикалните барања и долгогодишното одложување на решавање на проблемите на припадниците на Армијата.
Тој рече дека потпишувањето на така наречени договори со дел од војниците е чиста ПР кампања за манипулација на војниците и јаноста и дека не е исто со трајно и законско решение што ќе ги гарантира правата на сите професионални војници.
-Го повикуваме Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата да престанат со самопромоција и да преземат одговорност на состојбите во Армијата. Неприфатливо е од припадниците на Армијата да се бара максимална посветеност и подготвеност, а нивните плати и права да бидат нерешени прашања, рече Насковски.
Тој ги повика сите припдници на Армијата, како и поранешни припадници, синдикати, граѓански синдикати и граѓански здруженија и пријатели кои ги поддржуваат нивните барања, да им се придружат на протестот.
-Ова е моментот кога треба да покажеме дека сме обединети и нема да дозволиме нашите барања да бидат потценувани или игнорирани. На седми ноември да испратиме порака дека е доста од празни ветувања и одложувања и дека бараме законски решенија, повисоки плати и правда за поранешните припадници н Армијата, рече Насковски и додаде дека правата не се обезбедуваат со медиумски објави туку со конкретни дела и одговорност.
Е.Б.