Средствата што државата ги вложува во образованието се битен фактор, но не се единствениот кога зборуваме за квалитет на образование, вели професорот од Правниот Факултет, Ванчо Узунов. Тој за „Локално“ изјави дека освен средствата што државата ги одвојува од бруто-домашниот производ (БДП) за образование, треба да се направи и подлабока анализа, какви промени се потребни и во основното, средното и високото образование.

Според истражувањето на активистот Александар Николовски, се намалува процентот на средства што државата од БДП ги одвојува за образование. Така ако во 2008 година се одвојувале 5,43% во 2023 година се одвојувале 3,79%. Според ова истражување најголем дел од одвоените средства одат за плати на вработените а не во наука и капитални инвестиции.

За Узунов изјавите на политичарите дека образованието е битно се декаративни, а во реалноста се гледа дека тоа не е приоритет.

-Со растот на БДП, дури и да опаѓа процентот во апсолутен износ парите не се помали, но во релативен износ се намалени. Тоа значи дека кај политичарите, образованието како декларација е битно, но реално не е приоритет. Тоа е сосема спротивно од она што треба да биде. Точно е тоа дека владите го зборат тоа што мислат дека треба да го зборуваат, но на крај парите не ги даваат во образование за кое што зборуваат, туку за други намени и тоа е недоволно за целите кои ги прокламираат, изјави Узунов.

Тој објаснува дека ако пред дваесет години се одвојувале три проценти од БДП за образование, тие требало да останат, а не како сега од една страна во апсолутен износ средствата растат, но во релативен опаѓаат.

На прашањето дали можеби тоа е причина македонските универзитети и факултети да ги нема на ранг листите за најдобри високо образовни институци, Узунов смета дека тоа се темели на домашни податоци кои не се многу релевантни.

-Рангирањето на факултетите е тоа што не сака никој да го каже – Македонија нема направено меѓународно акредитирање на квалитетот на образованието и во тие меѓунарународни извештаи тие рангирања се потпираат на домашни податоци, кои не се многу ни релевантни. Затоа Македонија покажува послаба слика. Потребна е целокупна анализа од меѓународна институција која е за акредитирање на високо обрзование. Кога таа би направила анализа на виокото образование во Макеонија, во поголед на рангирањето на некои македонски унивезрзитети би се променило. Тоа значи дека барем УКИМ ќе влезе во првите 2.000, изјави Узунов.

Тој објаснува дека ваква анализа не е направена минимум десет години, што според него е потребно за да знаеме каде и што недостасува и на што да се насочи вниманието.

-Овде зборуваме за подобрување на високото образование во Македонија, но јас зборам за целосното образование. Власта сака да зборува само како висоскообразовни институции се рангирани по светски рамки. Не правиме добра анализа од респектибилни институции, кои ќе ни кажат каде и што недостасува и ќе ни кажат дали е само работа на пари, или треба да се менува закон, што друго треба да биде сменето да се покачи квалитетот на образованието во Македонија. Релативно слабиот квалитет на високото образование не зависи само од универзитетите, пред се зависи од инстиитуциите кои даваат основно и средно образование. Ако таму има неквалитет, после што и да правите, не може да му го покачите квалитетот на студентот, тоа е готов производ, изјави проф. Узунов.

Според него дебатата за високото образование треба да се води на поинаков начин и да се направи добра анализа, која недостасува. Во делот за забелешките што академската заедница ја имаше за новиот закон за високо образование во делот за обврската да објавуват научни трудови, Узунов вели дека факт е дека треба да се објавуваат трудови во списнија со импакт фактор, но тоа не е единствената работа која трба да се прави.

-За научни достигнувања референтен податок е колку трудови од професори од македонски универзитети се објавени во тие меѓународни списанија за наука, но за образование сосема други се податоците. Може да има сто трудови во списанија со импакт фактор, но ако студентите ништо од тоа не знаат и гледаат да поминат со шестка, не зборуваме за квалитет, изјави Узунов.

За објавување на трудови во списанија со импакт фактор, според него, потребни се истражувања, а тие истражувања главно се прават преку проекти. Узунов оценува дека за да се објави труд во списание со импакт фактор треба да има истражување и резултатите се објавуваат, а не дека некому му текнало да седне и да напише труд и да го објави.

-Не може да конкурираме на светско ниво заради многу причини. Треба да направиме релевантни спсисанија на регионално ниво, да се гледаме гледаме во однос на универзитетите во Белград, Загреб, Сараево, Подгорица, Софија…прво како се рангираме во регионот. На светско ниво се знае кои се најбитни универзитети и тука Македонија не може да се носи со нив. Парите се битен фактор, но не се единствениот кога зборуваме за квалитетот на образование, истакнува професорот.

Според соговорникот, сосема друго прашање е дали се потребни толку многу универзитети во услови кога низ годините се намалува сумата одвоена за образование и наука.

-Според мене треба да има еден универзитет и да ги опфати сите студенти. Да, тој ќе биде гломазен, ама да може да ги опфати сите студенти, да се натпреваруваме со светот. Вака сме расцепкани и порано имаше студенти од сите етнички групи, сега се многу малку од одредени заедници, заклучува Узунов.

Е.Б.