Основното јавно обвинителство Гостивар синоќа донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење. Осомничените соизвршители – Артана Асани како в. д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, технички раководител на Сектор за технички работи, и  раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши, со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.

Познато е дека тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи сè уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем. Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување.

Во јавноста се уште има голем број не непознаници и прашања. Дел од граѓаните потсетуваат на времињата кога во поранешна СФРЈ во училиштата се учело дека јавните водоводи и извори се општествно богатство и дека претставуваат висок ризик за тероризам и диверзии. Иако сега сме друга држава, се поставува прашање дали и ова што се случувало 22 дена во Гостивар треба да се класифицира како терористички акт или кривично дело против јавното здравје и безбедност…За дел од познавачите на експертите, не може однапред да се прогласи терористички акт, но не смее ниту однапред да се исклучи намерното дејствие и случајот да се затвори како обична техничка грешка. Без оглед на конечната кривичноправна квалификација, веќе е покажана сериозна ранливост на критичната инфраструктура и на системот на државна реакција.

-Поранешниот систем имаше една суштинска предност: неговата безбедносна доктрина кристално јасно ги препознаваше виталните ресурси на општеството. Водоводите, изворите, енергетските постројки, комуникациските системи и другите објекти од кои зависи секојдневното функционирање на населението никогаш не беа третирани само како техничка или комунална услуга. Тие беа препознаени како објекти од посебно општествено и безбедносно значење и, токму поради тоа, како можни цели на диверзија, саботажа и други облици на намерно загрозување.

Денес, иако терминологијата е сменета, суштината е иста. Современиот поим е критична инфраструктура, а водоснабдувањето е еден од нејзините најчувствителни сегменти. Без вода не може да функционира ниту населението, ниту здравството, ниту образованието, ниту стопанството, ниту системот за заштита и спасување. Затоа нападот, контаминацијата или прекинот на водоснабдувањето никогаш не смеат да бидат набљудувани само како локален комунален проблем, вели професорот за Факултетот за безбедност – Скопје, Александар Иванов во разговор за „Локално“.

Соговорникот додава дека правиме фатална системска грешка кога ваквите настани по автоматизам ги класифицираме исклучиво како административен пропуст, техничка грешка или комунална неодговорност. Со тоа, според него, не само што го потценуваме конкретниот настан, туку ја демонстрираме и сопствената неспособност да препознаеме дека истиот механизам, истата слабост и истата незаштитена точка утре можат да бидат искористени намерно.

-Сепак, мора да бидеме правно прецизни. Тешката последица сама по себе не е доволна едно дејствие да се квалифицира како тероризам. За таква квалификација мора да се утврдат сите законски обележја, а особено намерата со која било преземено дејствието. Потребно е да се утврди дали постоела цел сериозно да се заплаши населението, да се принуди државен орган на определено постапување или непостапување, или сериозно да се нарушат основните политички, уставни, економски или општествени структури на државата.

Затоа, не може само врз основа на последиците однапред да се прогласи дека во Гостивар се случил терористички акт. Но, исто толку неодговорно би било уште на почетокот да се исклучи секоја можност за намерно дејствие и случајот да се затвори во удобната административна формула за „човечка грешка“ или „технички пропуст“, потенцира професорот.

Според него, клучното прашање не е само што се случило, туку кој го сторил тоа, по чија наредба, со какво знаење, со каква намера и со каков однос кон можните последици. Иванов истакнува дека доколку загадувањето е последица на пропуштање на должен надзор, непочитување на процедурите или несовесно постапување, тогаш правната квалификација треба да се бара, пред сè, во рамките на кривичните дела поврзани со загадување на водата за пиење и тешките дела против животната средина и природата.

-Во зависност од целосно утврдената фактичка состојба, последиците и формата на вина, може да се испитува и постоењето на обележја на други кривични дела, но не по автоматизам и не без конкретни докази. Но, доколку се утврди дека некој свесно презел дејствие знаејќи дека со него се внесува загадена вода во системот за водоснабдување и дека таквото дејствие може да предизвика масовно загрозување на населението, тогаш веќе не зборуваме за обична негрижа. Тогаш мора да се испита дали постоела директна или евентуална умисла, односно дали сторителот ја сакал последицата или бил свесен дека таа може да настапи и се согласил со нејзиното настапување. А ако се утврди и посебна цел на сериозно заплашување на населението, принудување на државен орган или сериозно нарушување на основните структури на државата, тогаш истрагата мора да испита дали се исполнети и законските обележја на терористичко дело.

Токму тука е разликата меѓу безбедносната анализа и преуранетата правна пресуда. Безбедносната анализа не смее ништо однапред да исклучи. Кривичноправната квалификација, пак, мора да се заснова врз докази за конкретното дејствие, причинско-последичната врска, намерата и вината.

Кога еден град е изложен на контаминирана вода во период од 22 дена, а граѓаните бараат медицинска помош и се нарушува нормалното функционирање на заедницата, безбедносниот ефект е споредлив со ефектот што може да го предизвика намерна биолошка или хемиска диверзија. Тоа не значи дека двата настана се правно идентични. Значи дека последиците врз јавното здравје, чувството на сигурност, довербата во институциите и нормалниот живот можат да бидат еднакво сериозни.

За граѓанинот кој не знае дали водата од неговата чешма е безбедна, разликата меѓу институционална небрежност и намерна контаминација има огромно кривичноправно значење, но не го менува непосредниот факт дека неговото здравје е изложено на опасност. Во двата случаи тој не знае дали смее да пие вода, да подготвува храна, да одржува лична хигиена или да им даде вода на своите деца. Во двата случаи нормалниот живот е парализиран, а довербата во државата е разнишана, додава професорот.

Од аспект на безбедносните науки, смета Иванов, државата демонстрираше дека во еден од нејзините најчувствителни инфраструктурни системи постои ранливост што може да се активира со релативно едноставно дејствие. Уште пострашно е што не станува збор само за физичката ранливост на водоводот. Станува збор и за ранливоста на надзорот, контролата, командата, меѓуинституционалното известување и кризното комуницирање.

-Ако небрежноста може да произведе ефекти споредливи со намерна диверзија, тоа значи дека системот е толку слаб што на потенцијалниот напаѓач не му е потребна особено сложена операција. Доволно е да ја искористи ранливоста што институциите самите ја создале, ја толерирале или не ја забележале.

Токму затоа не смее да се брза со утешната констатација дека станува збор само за „технички пропуст“. Технички пропуст што трае 22 дена и изложува население на контаминирана вода престанува да биде само технички проблем. Тој станува прашање на јавното здравје, општата сигурност, заштитата на критичната инфраструктура и државната безбедност.

Неказнетата небрежност не е исто што и тероризам. Но, неказнетата небрежност, необезбедената инфраструктура и институционалното слепило создаваат идеални услови за тероризам. Тие му покажуваат на секој потенцијален напаѓач каде е системот најслаб, колку бавно реагира, колку лесно се разводнува одговорноста и колку кратко трае институционалната меморија, посочува соговорникот, велејќи дека за една поразителната порака:

-Ако нашиот систем може да биде фрлен на колена од сопствената неодговорност, тогаш на потенцијалните извршители на асиметрични закани им кажуваме: не мора ни да нè саботирате, доволно е да ги набљудувате механизмите преку кои ние самите се саботираме.

Запрашан дали сме свесни каква ранливост покажавме од аспект на државна безбедност со ова што се случи и дали очекува нешто да се преземе, професорот истакнува дека случајот во Гостивар брутално ја разголи нашата системска ранливост – не само ранливоста на еден водовод, едно јавно претпријатие или една општина, туку ранливоста на државата како организација која треба да ги заштитува животот, здравјето и сигурноста на своите граѓани.

-Ако судиме според досегашното однесување на институциите, основано стравувам дека ќе се направи обид и овој настан да се сведе на неколку индивидуални постапки, една кривична истрага и неколку административни соопштенија. Потоа ќе се чека јавниот интерес да ослабне, медиумскиот циклус да заврши и целиот систем повторно да се врати во истата состојба во која бил пред кризата. Тоа е веќе препознатлив модел. По секоја криза се бара непосредниот виновник, но речиси никогаш не се испитува организацискиот механизам што ја овозможил кризата. Се бара кој ја направил последната грешка, но не и кој го создал системот во кој таквата грешка можела да остане незабележана 22 дена, вели Иванов.

Нааведува дека суштинскиот проблем е што голем дел од политичарите кои ги носат одлуките очигледно не поседуваат доволно длабоко уставноправно, управноправно и организациско знаење за тоа како се конструира, организира и раководи едно општество.

Тие ја разбираат државата како збир на институции, функции и директорски места, а не како прецизно воспоставен систем на надлежности, командни линии, процедури, контрола и одговорност. Затоа секоја реформа кај нас завршува со нова табла на влезот, нова систематизација, нов директор или ново координативно тело. Организациската суштина останува непроменета.

Ако политичките носители на одлуки навистина го разбираа уставноправниот, управноправниот и организацискиот дизајн на државата, како поинаку да го објасниме фактот дека со години нема суштински промени во системите за заштита и спасување и кризно управување?

Како да го објасниме тоа што и по толку пожари, поплави, здравствени кризи, инфраструктурни дефекти и човечки трагедии, системот повторно функционира преку паралелни институции, преклопени надлежности и нејасна командна одговорност?

Тоа не е случаен административен хаос. Тоа е организациски произведена неодговорност.

Институциите се поставени така што секоја од нив има доволно надлежност за да тврди дека учествувала, но ниту една нема доволно јасна и целосна одговорност за да одговара за крајниот исход. Кога системот функционира, сите се заслужни. Кога ќе се случи криза, никој не е надлежен во целина, објаснува професорот по безбедност.

Иванов говори и за кризното комуницирање во текот на овој сериозен здравствен и безбедносен инцидент. Според него, наместо единствен, авторитетен, редовен и стручно структуриран извор на информации, повторно добивме фрагментарни соопштенија, доцнење, институционална воздржаност и молчење.

-А молчењето во криза не е неутралност. Молчењето е институционална порака. Тоа им кажува на граѓаните дека институциите или не знаат што се случува, или не умеат да управуваат со ситуацијата, или се обидуваат да ја намалат сопствената одговорност. Во сите три случаи последицата е иста: губење на довербата.

Кризното комуницирање не е протоколарна активност, медиумски настап или обична функција на односи со јавноста. Тоа е составен дел од управувањето со кризата. Навремената, точна и разбирлива информација непосредно влијае врз однесувањето на населението, го намалува ризикот, спречува паника и им овозможува на граѓаните да донесат правилни одлуки за сопственото здравје.

Кај нас, напротив, стратегијата премногу често се сведува на чекање. Се чека да помине вревата предизвикана од дигиталниот шум на социјалните мрежи. Се чека вниманието на јавноста да се префрли на друг настан. Се чека политичката штета да се намали. Се чека луѓето да се изморат од поставување прашања, оценува соговорникот.

Ако луѓето што презеле одговорност за заедничките работи, оние на кои ние како општество преку општествениот договор сме им го предале мандатот да нè заштитуваат, реагираат со молк, минимизирање и одложување, според Иванов, тогаш легитимно е да се прашаме дали тие воопшто имаат елементарно чувство на одговорност.

-Ова веќе не е само прашање на политичка неспособност. Не е ниту само прашање на недостиг од стручност. Станува збор за подлабок образец на однесување во кој одговорноста се доживува како медиумски товар, а не како суштина на јавната функција. Тоа е состојба во која носителите на јавни овластувања не реагираат на самата опасност, туку на можноста опасноста политички да им наштети. Не се прашуваат што мора да направат за да ги заштитат граѓаните, туку што мора да кажат, премолчат или одложат за да се заштитат себеси.

Токму тука се отвора просторот за една поширока анализа што може метафорички да се нарече „Психопатологија на неодговорното општество“. Терминот не треба да се разбере како клиничка дијагноза на конкретни лица. Неговата смисла е социолошка и организациска. Тој означува општествена состојба во која ненормалното постепено станува нормално, неодговорноста станува рутина, а изостанувањето на последици се претвора во основен принцип на институционалното функционирање, истакнува професорот и додава дека кога пропустите постојано се повторуваат, а никој суштински не одговара, системот учи дека неодговорноста е дозволена.

-Кога службеникот што предупредува се смета за проблем, а оној што молчи се смета за лојален, системот учи дека молчењето е побезбедно од професионалниот интегритет. Кога функционерот знае дека медиумското внимание ќе трае неколку дена, а потоа ќе исчезне, тој учи дека не мора да го реши проблемот. Треба само да го преживее медиумскиот циклус. Кога граѓаните по секоја криза гледаат исто префрлање на вината, исти комисии, исти ветувања и исто отсуство на промени, и тие почнуваат да веруваат дека одговорноста е невозможна. Така се создава колективна научена беспомошност, состојба во која општеството повеќе не се шокира од институционалниот неуспех, туку го очекува како нормален исход, дециден е Иванов.

Тој вели дека потребни се сериозни социолошки, организациски и социометриски истражувања за да утврдиме што станало толку „ненормално“ во нашиот колективен систем на вредности.

-Треба да се испита како во институциите се распределуваат формалната и неформалната моќ, кому му се верува, кој се плаши да предупреди, кој има влијание без одговорност и кој носи одговорност без реална моќ. Треба да се испита зошто стручноста толку лесно се потиснува од партиската лојалност, зошто предупредувањето се третира како нелојалност и зошто институционалната самозаштита станала поважна од заштитата на граѓаните. Најстрашното во случајот со Гостивар не е само тоа што еден водоснабдителен систем бил контаминиран. Најстрашното е сознанието дека државата повторно покажала оти може да доцни, да молчи, да ја разводнува одговорноста и да чека кризата да исчезне од јавниот простор. Тоа е суштинската ранливост.

Не само што не сме доволно заштитени од намерни напади. Ние не сме доволно заштитени ниту од сопствената институционална неодговорност. Држава што не може да се заштити од сопствената неодговорност не може уверливо да тврди дека е способна да ги заштити граѓаните од тероризам, диверзии или други современи асиметрични закани, заклучува Иванов.