
Пошироката истрага за наводна измама поврзана со луксузниот туристички комплекс вреден четири милијарди долари, поврзан со Џаред Кушнер, ги натера албанските власти да го замрзнат имотот на инвеститорот, што дополнително го засилува постојниот притисок поради јавните протести и меѓународните критики.
Според пишувањето на меѓународниот портал ОЦЦРП (Проект за истражување на организираниот криминал и корупцијата), албанските антикорупциски обвинители на 2 јуни ги замрзнаа банкарските сметки на компанијата која го поседува земјиштето, а која е поврзана со контроверзниот проект за луксузно одморалиште поддржан од зетот на претседателот на САД Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Ескалацијата на кризата околу плановите за развој на брегот предизвика масовни протести, остар дипломатски судир со соседна Грција и строги предупредувања од Европската Унија, додава порталот.
Превентивната заплена, по налог на Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал, се однесува на компанијата „Албанија ленд дивелопмент“ (Albania Land Development), во рамките на пошироката истрага за наводно фалсификувани имотни листови.
Компанијата, која е во сопственост на истакнатите катарски претприемачи Мутаз и Рамез Ал-Хајат, неодамна купи крајбрежни парцели во Звернец. Заштитеното крајбрежно подрачје долж Јадранското Море, во близина на градот Валона на југот од земјата, е местото каде што инвестициската фирма на Џаред Кушнер, „Афинити партнерс“, планира изградба на елитен мега-ресорт, се наведува во текстот.
Правната интервенција уследи по неколкудневни интензивни протести, се додава во написот, каде што се потсетува дека илјадници демонстранти протестираа во Тирана под слоганот „Албанија не е на продажба“, како и дека еколошките организации и локалното население протестираат поради навлегувањето на проектот во заштитеното подрачје, кое е важно медитеранско мочуришно живеалиште за фламинга и морски желки.
Нездоволството ескалираше по судирот меѓу локалните жители и приватното обезбедување ангажирано да го чува градилиштето. На снимките од местото на настанот, кои се проширија на социјалните мрежи, се гледа како чувар удира и одвлекува демонстрант од оградената плажа.
Како одговор на насилството, полицијата покрена внатрешна истрага за командната структура на полициската управа во Валона, а властите уапсија 32-годишен работник во приватната фирма за обезбедение.
Премиерот Еди Рама ги осуди постапките на обезбедувањето како одвратни, но жестоко го бранеше проектот како влезница на земјата во „Лигата на шампионите во глобалниот туризам“. Тој наведе што пет водечки меѓународни архитектонски фирми го редизајнираат главниот план за да се заштити животната средина, нагласувајќи дека самиот залив нема да биде допрен.
Рама исто така ги бранеше странските инвеститори на проектот, истовремено поддржувајќи ја истрагата за локалните продавачи на земјиште.
„Инвеститорите имаат право на своите постапки. Блокирањето на трансакцијата е произволно и негативно. Но, блокирањето на преносот на пари на сопственик кој е под сомнение е прифатливо. Ако истрагата покаже дека постојат поединци кои лажно тврделе дека се сопственици, парите треба да им припаднат на оние кои се легитимни сопственици“, рече Рама.
ОЦЦРП наведува дека немирите и насилството предизвикаа сериозни тензии со Атина, претворајќи го локалниот спор за земјиште во меѓународен дипломатски инцидент.
Министерството за надворешни работи на Грција изрази „длабока загриженост“ поради настаните во Звернец, потврдувајќи дека еден грчки државјанин е меѓу повредените жители кои протестираа за своите имотни права. Грчката амбасада во Тирана му пружи медицинска помош на жртвата и официјално упати протестна нота до албанската влада, барајќи одговорност.
Атина исто така ја предупреди Тирана дека почитувањето на имотните права на малцинствата и заштитата на еколошките подрачја се „предуслов“ за напредок во процесот на евроинтеграциите кон кои стреми Албанија. Рама ја отфрли дипломатската интервенција на Атина, со став дека историските имотни спорови мора да се решаваат исклучиво пред албанските судови, а не преку надворешни политички притисоци.
Сепак, Европската комисија ја поддржа загриженоста на Грција во врска со владеењето на правото и заштитата на животната средина, со што дополнително го заостри фокусот кон европските аспирации на Албанија. Портпаролот на Комисијата предупреди дека Брисел внимателно го следи заштитениот предел.
„Како што е наведено во нашиот годишен извештај за 2025 година, повтореното продолжување на законот за стратешки инвестиции и понатаму предизвикува загриженост поради можните еколошки влијанија, особено во заштитените подрачја“, рече портпаролот, додаваќи дека Албанија мора да покаже целосна усогласеност со европските стандарди за заштита на природата за да напредува во процесот за членство.