Политичката пресметка околу случајот со загадената вода во Гостивар продолжува и по епидемијата на гастроентеритис во која речиси две илјади граѓани побараа лекарска помош.

ВМРО-ДПМНЕ ја прозва локалната власт во Гостивар, предводена од коалицијата на СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари, да преземе одговорност за случајот.
Од партијата прашуваат зошто реакцијата на локалните служби доцнела и бараат целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните останале без навремена заштита, иако, како што наведуваат, биле дадени ветувања за подобри услови за живот.

СДСМ, пак, обвини дека епидемијата не избувнала ненадејно, туку дека со денови постоеле предупредувачки сигнали за загадување на водата и зголемен број заболени.
Од партијата велат дека надзорот утврдил оти во главниот водоводен цевковод била поставена нелегална пумпа која директно вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
Според СДСМ, и покрај ваквите сознанија, епидемијата била прогласена дури кога здравствените установи веќе биле преполни со пациенти.

Случајот со загадената вода останува предмет на истрага, а јавноста ги очекува официјални резултати за причините за инцидентот и евентуалната одговорност.

The post Продолжуваат партиските обвинувања за загадената вода во Гостивар appeared first on Прва Скопска ТВ.