
Во ноќниот руски напад врз Киев загина едно лице, а осум се повредени по неколкучасовните удари со балистички ракети врз главниот град на Украина.
Нападот, според локалните власти, почнал околу 1:30 часот по локално време и траел неколку часа, додека ширум украинската престолнина се слушале експлозии.
Ударите предизвикаа пожари во пет градски реони и оштетија станбени објекти, канцелариски и индустриски локации, студентски дом и возила. Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека спасувачите од запалена приватна куќа во реонот Свјатошински извлекле четири лица, додека во реонот Шевченкивски евакуирале станари од запалена трикатна зграда.
Пожарот во една нестанбена зграда е ставен под контрола, а едно лице подоцна е пронајдено мртво. Пожарникарите интервенирале и поради пожари во реоните Соломјански, Десњански и Днипро.
Русија во последните недели покрена повеќе големи напади врз Киев во моментот кога Украина се соочува со недостиг на ракети за системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ (Patriot), кој претставува нејзино најефикасно средство за пресретнување на руските балистички ракети. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да ѝ одобри на Украина лиценци за производство на ракети-пресретнувачи „Патриот“, што би можело да ја засили одбраната на Киев, но деталите и роковите за спроведување на таа одлука засега не се познати.