
Кривичниот Совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати гаранцијата за укинување на мерката притвор за поранешниот директор на Царина Стефан Богоев, кој се сомничи за местење јавна набавка за избор на фирма за одржување хигиена.
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со понудена гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот, соопштија од Основен Кривичен суд Скопје.
Од судот појаснуваат дека определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност .
-Овој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, соопштија од Кривичен.
На Богоев му се одредени дополнителни мерки на претпазливост односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
-Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство., соопштија од Основен кривичен суд Скопје.