Полициски претреси се вршат на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомнежи за незаконско менување оценки, испитни бодови и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Според неофицијалните информации, постојат сомнежи дека осомниченото лице овозможувало внесување бодови од испити, запишување семестри без исполнети услови, како и бришење на веќе евидентирани оценки. Наводните злоупотреби, како што се посочува, главно се однесувале на студентски досиеја на студенти од Турција.

„Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, соопштија од МВР.