СВР Струмица поднесе кривични пријави против шест лица од селото Просениково, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои насилство, противправно лишување од слобода и напад врз службено лице.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, пријавени се Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите жители на село Просениково.

Според истрагата, на 24 јули околу 21:20 часот, пријавените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во селото Сарај, струмичко, каде физички ги нападнале К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, нанесувајќи им телесни повреди.

Во текот на инцидентот, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе спротивно на нејзината волја да ја одведат Р.Ѓ., поради што против нив е поднесена пријава и за кривично дело „противправно лишување од слобода“.

Од МВР информираат дека при полициската интервенција, Б.Д. агресивно се однесувал кон полициските службеници и физички нападнал двајца полицајци, поради што се товари и за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

Осомничените биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.

Во текот на настанот, К.Ѓ. излегол на терасата од куќата и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

The post Претепале семејство и се обиделе да одведат жена во струмичкото село Просениково appeared first on Скопско ЕХО.