Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди дека реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ мора да биде проследена со целосна транспарентност, отчетност и контрола при трошењето на јавните средства.

Од ДКСК посочуваат дека секое законско решение со кое се предвидува ограничување или исклучување на примената на системските закони, особено Законот за јавните набавки, мора да биде јасно и детално образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста и механизмите за спречување корупција.

„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција“, наведуваат од Комисијата.

ДКСК нагласува дека принципите на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер конкуренција, економичност, отчетност и интегритет не смеат да бидат доведени во прашање, без оглед на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот.

Од Комисијата потсетуваат дека Законот за јавните набавки веќе обезбедува правила за транспарентни постапки, избор на економски оператори, надзор, правна заштита, јавно објавување на договори и механизми за спречување судир на интереси.

СДСМ реагираше на предложениот закон, обвинувајќи дека преку формирањето Фондација за реализација на проектот се отвора можност за трошење на јавни средства надвор од стандардните процедури за јавни набавки.

Од партијата оценија дека станува збор за „легализација на корупција“ и тврдат дека власта се обидува да создаде модел со кој би се избегнале контролите при трошењето на околу 21 милион евра јавни пари.

„По Скопје 2014, ВМРО-ОКГ измисли нов начин за крадење пари: Скопје 2028“, наведуваат од СДСМ, барајќи повлекување на предложеното законско решение.

Од СДСМ предупредуваат дека ако една институција биде изземена од Законот за јавни набавки, тоа може да создаде преседан и за други проекти што власта ќе ги прогласи за приоритетни.

Левица, пак, реагираше во врска со тоа што Марјан Цветковски е на чело на Фондацијата „Скопје 2028“, посочувајќи дека тој би требало да раководи со институција која сè уште не е формално основана.

Од Левица прашуваат врз која законска основа е извршено именувањето, со оглед дека според Предлог-законот директорот на Фондацијата треба да биде избран од Управниот одбор, кој во моментот не постои.

Партијата оценува дека кадровските решенија се однапред договорени, а законското решение дополнително треба да ги потврди.

Во реакцијата Левица потсетува и на претходното работење на Цветковски како директор на Македонската радио-телевизија, како и на кривичната пријава поднесена во 2019 година од Управата за финансиска полиција поради сомнежи за злоупотреба на службената положба.

Според Левица, проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ треба да биде пример за транспарентност и отчетност, а не процес во кој институциите се поставуваат пред свршен чин.

Предлог-законот за реализација на проектот се очекува да биде разгледан во Собранието, каде се отвора дебата околу начинот на управување, контролата и трошењето на средствата.

Текстот Прескокнувањето системски закони е аларм за корупицја – Антикорупциска реагира за Законот за „Скопје 2028“, жестоки реакции од опозицијата е превземен од А1он.