Во Струмица се одржа прес-конференција на која беше претставен проектот „Heart Safe CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“, чија цел е подобрување на здравствените капацитети и зголемување на подготвеноста за навремена реакција при срцев застој и други животозагрозувачки состојби во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.

Проектот се реализира во рамките на програмата Interreg VI-A IPA Грција – Северна Македонија 2021–2027, со финансиска поддршка од Европската Унија и националните фондови.

Една од најзначајните активности предвидува обука на повеќе од 1200 здравствени работници, граѓани и волонтери за примена на техники за спасување животи, основно и напредно одржување во живот и правилно постапување во итни медицински ситуации.

Покрај обуките, предвидена е и набавка на современа медицинска опрема, вклучувајќи амбулантни возила, дефибрилатори и електрокардиографи, како и воспоставување капацитети за медицинска симулација и практична обука.

Проектот го реализираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Универзитетската болница АХЕПА од Солун и Хеленското здружение за итна претхоспитална медицинска грижа (HSEPC).

На прес-конференцијата присуствуваа претставници на здравствените домови од Југоисточниот регион, Црвениот крст, општините и медиумите, а беа презентирани планираните активности и очекуваните резултати од проектот.

Со заедничкото делување на партнерите од двете земји се очекува подобрување на капацитетите за итна медицинска помош и создавање побезбедна прекугранична заедница.

„Знаењето спасува животи. Секоја секунда е важна“ е главната порака на проектот, со која се нагласува значењето на навремената реакција, обучениот кадар и достапноста на соодветна медицинска опрема за спасување човечки животи.

The post Преку проектот „Heart Safe CBA“ ќе се обучат над 1200 лица за спасување животи и ќе се набави нова медицинска опрема appeared first on Radio StrumicaNet.