Нови проблеми во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје кој неодамна претрпе целосна реконструкција. На видеата објавени од студентската платформа „Студентарија “ може да се види вода која тече од плафон, поплавена соба и бучни радијатори.

Според платформата, едното видеото е од пред неколку дена, а сите други снимки се од синоќа 29 октомври.

На 28 октомври беше пријавен и пожар на бојлер во старите бараки на студентскиот дом. Според информациите од полицијата, немало повредени, а пожарот бил изгаснат со противпожарен апарат.

Пред еден месец, беше објавено дека е отворен реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој има капацитет од 1.150 легла. Министерката Весна Јаневска апелираше до студентите одговорно да ги користат просториите, затоа што, како што рече – ова е јавно добро и од нив зависи колку следни генерации ќе го користат и исто така ќе бидат задоволни што се тука.

Јаневска информираше дека многу скоро ќе се отвори уште еден целосно реконструиран студентски дом – „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар, кој ќе обезбеди уште 280 места за студентите. За овие два дома, се вложени 20 милиони евра, а финансиската конструкција е креирана од страна на Владата, на Германската развојна банка и Европската унија.