Пожарот што вчера избувна во Штип е целосно локализиран, информираат утрово од Дирекција за заштита и спасување.

Од ДЗС наведуваат дека во интервенцијата не биле користени воздухоплови, бидејќи немало соодветни услови за нивно ангажирање.

Според податоците од Центар за управување со кризи, во гаснењето учествувале 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Штип, кои интервенирале со четири возила, како и 10 доброволци од Противпожарното друштво во градот со уште четири возила.

Дополнително, помош пристигнала од шест пожарникари со две возила од Кочани, како и екипа од Свети Николе.

Благодарение на брзата интервенција, пожарот бил спречен да се прошири кон првите куќи во штипската населба Кадидаре, додека поради силниот ветер огнот претходно се ширел кон ридовите Клисебаир и Кумлак.

The post Пожарот во Штип целосно локализиран, спречено ширење кон куќи appeared first on Прва Скопска ТВ.