Францускиот претседател Емануел Макрон за денеска свика кризен состанок на владата поради големите шумски пожари што се приближуваат до Бордо, додека нов топлотен бран дополнително ја влошува состојбата. Градоначалникот на Бордо, Томас Казенав, изјави дека огнената стихија се наоѓа на околу 15 километри од градот, но засега не се разгледува евакуација на урбаното подрачје со околу 850.000 жители.
Од околните населени места веќе се евакуирани десетици илјади луѓе, а францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез оцени дека ситуацијата е „многу неповолна“ поради непредвидливото ширење на пожарот. Високите температури, кои во некои делови на Франција ќе достигнат и до 40 Целзиусови степени, дополнително ја отежнуваат работата на пожарникарите.
Во регионот Жиронд е формиран и редок феномен познат како „пирокумулонимбус“, огнена бура која создава сопствени ветрови и молњи, што го прави пожарот уште потежок за контролирање. Француските пожарникари предупредуваат дека единствено обилни дождови или промена на насоката на пожарот би можеле значително да ја подобрат состојбата.
Од почетокот на пожарите во Франција и Шпанија се евакуирани повеќе од 330.000 луѓе, од кои над 220.000 само во југозападна Франција. Во Франција годинава изгореле околу 98.000 хектари шума, што претставува една од најголемите природни катастрофи од Втората светска војна.
Во меѓувреме, големи пожари беснеат и во Шпанија, каде околу Валенсија, Авила и околината на Мадрид се евакуирани повеќе од 90.000 жители. Шпанските власти предупредуваат дека силниот ветер и високите температури придонесуваат огнот и натаму да се шири кон нови населени места. Премиерот Педро Санчез порача дека земјата ја очекуваат тешки денови и повторно повика на поширок општествен договор за справување со климатските промени, кои сè почесто предизвикуваат вакви екстремни пожари.
The post Пожарите му се закануваат на Бордо, Макрон свика кризен состанок на владата appeared first on Прва Скопска ТВ.