Двајца пешаци, маж и жена, попладнево се повредени откако биле прегазени од автомобил на дивиот премин кај Бит-пазар во Скопје, објави телевизијата „Алсат“.

Пред неколку дена надлежните започнаа активности за затворање на дивиот премин, но по реакциите на локалното население и организираните протести, интервенцијата беше стопирана, а поставените заштитни огради беа отстранети.

Жителите тогаш соопштија дека добиле уверувања оти ќе се разгледаат можностите за негово легализирање, а таквата опција јавно ја спомена и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според податоците од изминатите години, на оваа локација се случиле бројни сообраќајни несреќи, од кои дел завршиле со тешки повреди и смртни последици.