Украинските сили во текот на ноќта извршија напад со дронови врз Московската област, при што според руски извори биле погодени нафтено складиште и логистички центар во близина на Подолск, на околу 40 километри јужно од Кремљ.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии и видеа на кои се гледа густ црн чад од пожарот, а се тврди дека бил погоден и дистрибутивен центар на компанијата „Вајлдберис“, позната како „рускиот Амазон“.
Пожари биле пријавени и во Домодедово, каде што наводно е оштетена станбена зграда, како и во логистичкиот парк „Јужније Ворота“, но точниот обем на штетата засега не е познат.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека кон поширокото подрачје на главниот град биле лансирани повеќе од 400 украински дронови, од кои, според него, противвоздушната одбрана соборила 85.
„Киев индепендент“ наведува дека не можел независно да ги потврди овие тврдења, а украинската армија засега не го коментирала нападот.
Нападот следува само два дена по претходниот удар врз Московската област, кога исто така биле цел нафтено складиште и објекти на „Вајлдберис“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападнатите складишта биле поврзани со руската војска, додека Киев ги смета нафтените постројки за легитимни воени цели бидејќи ја снабдуваат руската армија со гориво.
Во последните месеци Украина значително ги засили нападите врз руската нафтена и логистичка инфраструктура, а според Ројтерс, дел од оштетените рафинерии би можеле да останат надвор од функција до крајот на годината.
The post Повеќе од 400 украински дронови ја нападнаа Москва appeared first on Скопско ЕХО.