
Седум локални манифестации посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и локалните традиции ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за земјоделство.
Договорите за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој се во вкупна вредност изнесува 1.048.509 денари (17.048 евра).
Парите, како што информираат од министерството за земјоделство, се доделени по спроведен јавен повик, на кој пристигнаа 26 предлози.
-Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска, односно ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини – изјави министерот за земјоделство Борче Серафимовски по потпишувањето на договорите.
Поддршка за организирање на манифестации добија: Здружението за рурален и регионален развој „Блесок” од Радовиш, за манифестацијата „Од зрно до погача”; Земјоделската задруга „Шари” од Тетово, за „Ден на задруги 2026″; Здружението за земјоделци „Современо земјоделство” од Битола, за „Рурална жена – силата на Пелагонија”; Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу Фуд Водно” од Скопје, за „Храна за сите”; Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек” од Кавадарци, за „Тиквешија плодна лоза благородна 2026″; Здружението на конвивиум „Слоу Фуд Прилеп” од Прилеп, за „Корени и трпеза – рурална жена денес” и Општина Кратово, за манифестацијата „Компиријада 2026″.
Од министерството велат дека соо поддршката на овој тип на манифестации, се создава простор македонските земјоделски производи да допрат до повеќе потрошувачи, а руралните средини во поголем обем да ги искористат своите производствени, туристички и економски потенцијали.
The post ПОВЕЌЕ ОД 17.000 ЕВРА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ Седум организации добиваат финансиска поддршка од државата appeared first on plusinfo.mk.