
Второстепениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на надлежниот Јавен обвинител донел пресуда со КОКЖ бр. 110/25 според која, пресудата против обвинетиот Стевче Јакимовски – поранешен градоначалник на општина Карпош, за кривичното дело – Бесправно градење од чл. 244 – а ст.1 од КЗ за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од 1 година, се потврдува, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година.
Во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ жалбата на обвинетиот е уважена и предметот, само во тој дел се враќа на повторно судење. Во однос на ова кривично дело, со оглед да истото е сторено во период од 2011 година до 2017 – та година, предвидената казна е од три до пет години, па согласно одредбите за застарување истото би застарело во 2027 – ма година.
Што се однесува до обвинетиот Т.Ѓ за кого со првостепената пресуда е утврдена Условна осуда, истата е укината од Апелациониот суд и предметот е вратен на повторно постапување.
-Предметот во однос на укинатиот дел ќе биде распределен на понатамошно судење кај нов судија со оглед да судијата кој досега постапуваше не е во одделот за организиран криминал и корупција, а во однос на потврдената затворска казна ќе биде доставен на понатамошно постапување кај судија за извршување санкција, информираат од Апелација.
Стевчо Јакимовски на кому му се судеше повеќе од шест години, лани во април беше прогласен за виновен за две кривични дела. За бесправно градење на општинската зграда, му беше досудена затворска казна од една година, а за делото злоупотреба на службената должност треба да лежи затвор три години.
-Со оглед дека на обвинетиот С.Ј му се суди истовремено за две кривични дела, судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор, соопштија тогаш од судот.
Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Македонија.