Со концертот на дуото хармоники „Two Bellows“, утревечер (среда, 10 јуни), со почеток во 20:00 часот, во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде заокружено годинашното, петто издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“ (Classic International Festival Strumica 2026).

Пред струмичката публика ќе настапат Ана Коловска – хармоника (Русија/Австрија) и Александар Коловски – хармоника (Македонија/Австрија), кои настапуваат под името „Two Bellows“.

Концертот се реализира со поддршка на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и претставува музичка средба на руски и македонски уметници, кои преку делата од светската, руската и македонската музичка литература ќе ѝ понудат на публиката богата и разновидна концертна програма.

На програмата се композиции од Тан Јан Лијанг, Вјачеслав Семјонов, Николај Малигин, Едуард Аканов, Јохан Себастијан Бах, Карл Џенкинс и Астор Пјацола, а ќе бидат изведени и авторски дела на Александар Коловски, меѓу кои „Tango ’20“ и „Колаж на популарни теми“.

Со овој концерт ќе биде спуштена завесата на петтото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“, кој и годинава донесе врвни музички содржини и истакнати домашни и меѓународни уметници, потврдувајќи го своето значење како една од најпрепознатливите манифестации на класичната музика во регионот.

The post Последниот концерт од „Класика меѓународен фестивал Струмица 2026“ утревечер ќе ги обедини руските и македонските музички традиции appeared first on Radio StrumicaNet.