Силниот ветер и поројниот дожд што вчера го погодија Скопје оставија зад себе големи материјални штети и повредени лица. Меѓу објектите што претрпеа штети е и Градската општа болница „8 Септември“, каде силниот ветер оштетил дел од кровната конструкција.

При невремето, вчера голем дел од покривот беше паднат во непосредна близина на болницата, врз паркирани автомобили.

Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски вчера соопштил дека кај нив не се примени повредени лица во невремето во Скопје, но е предизвикана огромна материјална штета. Посочи дека чекаат комплетен увид за да се утврди обемот на штетата.

-Тоа ние денеска нема да го знаеме прецизно додека не излезе проценител на терен и не се направи официјален записник за штета од надлежните институции. Засега најголема штета имаме на кровот и кровната конструкција. Тоа е она што можам да го кажам од првичниот увид, посочил Стојаноски.

Фото: Локално