
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) предупреди на можни корупциски ризици поврзани со Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, посочувајќи дека трошењето на јавните средства мора да биде проследено со целосна транспарентност, законитост и отчетност.
Реакцијата на ДКСК доаѓа по јавните реакции околу законското решение и прашањата за начинот на управување со средствата наменети за проектот.
Од Комисијата посочуваат дека секое отстапување од системските закони, особено од Законот за јавните набавки, мора да има јасно оправдување и да биде придружено со механизми што ќе спречат можни злоупотреби.
„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција“, наведуваат од ДКСК.
Од таму нагласуваат дека доколку се донесе посебен закон за реализација на проектот, тој мора да ги задржи клучните принципи што ги гарантира системот на јавни набавки – еднаков третман, слободна конкуренција, економичност и контрола на трошењето.
„Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес“, се наведува во соопштението.
Антикорупционерите потсетуваат дека постојниот Закон за јавните набавки веќе обезбедува механизми за транспарентност, објавување на договорите, надзор врз постапките и спречување на судир на интереси.
Комисијата оценува дека важните законски решенија од ваков тип треба однапред да бидат доставени до неа за анализа на можните корупциски ризици.
„Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност“, порача антикорупциската комисија.
Оттаму додаваат дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, како ризик се препознаени законите донесени по скратена постапка со кои се ограничува примената на системските прописи.
Комисијата порача дека реализацијата на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ мора да биде придружена со јасни правила и контроли, без разлика на институционалниот модел преку кој ќе се спроведува.