
Поранешниот шеф на обезбедувањето на претседателот на Полска Карол Навроцки, Кшиштоф „Риџу“ Раџивон, изјави дека во текот на 2025 година Навроцки можеби намерно „бил изложен на опасна супстанција“, откако ненадејно му се слошило за време на предизборната кампања.
Раџивон, потполковник во пензија, изјави за весникот „Rzeczpospolita“ дека ситуацијата укажувала на можно труење со храна или „друга сериозна реакција на организмот“, но нагласи дека не може да дава медицинска проценка.
„Од моја перспектива, можам со голема веројатност да кажам дека тоа можело да биде нешто што предизвикало труење на желудникот или некоја друга телесна тегоба“, истакна тој, пренесува Polsat News.
Според неговите зборови, по собирот во Забковице Шлонские, Навроцки влегол во автобусот, каде што изгубил свест, имал грчеви и повраќал. Кога обезбедувањето стигнало до него, тој повторно бил при свест и одговарал на прашањата.
„Повеќепати инсистиравме да оди во болница за испирање на желудникот, но Карол Навроцки категорично одби“, рече Раџивон.
Тој наведе дека обезбедувањето имало медицинска опрема и подготвени процедури, како и информации за најблиската итна служба, но било одлучено случајот да не се пријавува јавно ниту до надлежните органи.
Полското обвинителство во Швидница покрена постапка за проверка на околностите на настанот, вклучително и можноста здравственото влошување на претседателот да било последица на намерно труење.