Македонскиот полициски синдикат го поздравува покачувањето на платите за 10% во Армијата на Република Македонија. Велат дека тоа е позитивен чекор кон подобрување на материјалниот и социјалниот статус на припадниците на Армијата, но истовремено и потврда дека преку синдикално единство, аргументиран притисок и конструктивен дијалог меѓу Министерството и синдикатите можат да се постигнат конкретни резултати. Сепак, прашуваат кога на ред е полицијата и безбедносните служби.

-Македонскиот полициски синдикат смета дека е крајно време Владата и надлежните институции сериозно и итно да го отворат прашањето за зголемување на платите во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност.

Реалноста во Полицијата е сериозен аларм за државата:

-Сè повеќе полициски службеници ги напуштаат редовите на Полицијата.

-Искусниот и обучен кадар заминува.

-Интересот кај младите за полициската професија е сè помал.

-Материјалниот статус на полициските службеници не ја одразува тежината на работата, одговорноста и ризикот што секојдневно ги преземаат, порачуваат од МПС и прашуваат до кога полицајците ќе ја бранат државата, а државата нема да обезбеди достоинствени услови за нивниот живот.

Армијата доби најголемо зголемување на платите од јануари 2027 година. По договорот со синдикатите за 10% ќе бидат зголемени сите плати и додатоци на војниците и вработените во Министерството за одбрана.

Платите на војниците и вработените во Одбраната уште повеќе ќе бидат зголемени со новиот колективен договор. Професионалните војници што ќе завршат 45 години имаат можност да останат во армијата како цивилни лица задолжени за обезбедување на воените објекти и персоналот.

Зголемените плати за Армијата влегле во новиот буџет за 2027 година. Ресорниот министер најави дека воениот буџет ќе биде зголемен догодина за 2 милијарди денари, но остануваат 30 проценти за модернизација и капитални инвестиции.