
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршија 70 вонредни контроли во Гостиварскиот регион, при што се увериле дека операторите со храна ја почитуваат забраната за користење на водата од градскиот водовод. Сепак, при контролите биле утврдени низа други прекршоци, поради што се изречени 30 парични казни во вкупен износ од 7.750 евра во денарска противвредност.
Контролирани биле продажни објекти, кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, како и производители и пакувачи на овошје и зеленчук и други оператори со храна.
Од АХВ информираат дека ниту кај еден од контролираните субјекти не било утврдено користење на водата од гостиварскиот водовод за подготовка на храна. Наместо тоа, се користела пакувана или друга безбедна вода, а во угостителските објекти храната и пијалаците се послужувале во пластични и хартиени чаши и со еднократен прибор.
Инспекторите, сепак, откриле други неправилности. Кај пет оператори не биле спроведени задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, кај 18 оператори недостасувале задолжителните здравствени прегледи на вработените, а 11 правни лица работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
На нерегистрираните субјекти, покрај паричните казни, им била изречена и привремена забрана за вршење дејност сè до исполнување на законските услови.
При контролите биле откриени и двајца оператори кои во промет пуштиле небезбедна храна. Уништени се вкупно 18 килограми производи, меѓу кои виршли, кисело млеко, јогурт, слајс-салами и путер.
Покрај 30-те парични казни, АХВ изрекла и 12 решенија за забрана за вршење дејност, како и повеќе опомени и наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Од Агенцијата повторно апелираат граѓаните и операторите со храна да продолжат да ја почитуваат забраната за употреба на водата од градскиот водовод во Гостивар сè додека таа е во сила, а сите евентуални прекршувања да ги пријавуваат до надлежните инспекциски служби.