Со грант од 2 милиони американски долари на Светската банка ќе се подготовка втората и третата фаза на системот „Злетовица“ за што се очекува да се потрошат околу 103 милиони евра.

За реализација на грантот денеска министерот за земјоделство Борче Серафимовски и директорот на ЈП Хидросистем „Злетовица”, Златко Стојановски  потпишаа Договор за соработк.

-Со денешниот договор започнуваме конкретна работа за ажурирање и комплетирање на документацијата која е потребна проектот да влезе во следната инвестициска фаза – изјави Серафимовски.

Тој појасни дека во следните 18 месеци ќе се ревидираат техничките студии и инженерските решенија, ќе се зајакне документацијата за безбедност на браните и ќе се подготват еколошките, социјалните и тендерските документи за следните две фази од развојот на хидросистемот.

-Нашата задача е да обезбедиме квалитетна документација, целосна институционална подготвеност и проект способен навреме да премине во реализација. За таа цел државата ќе се вклучи со околу 27 милиони евра, средства што ќе ги опфатат трошоците за експропријација, ДДВ и други релевантни јавни давачки – рече Серафимовски.

Тој информираше дека со фазата 2 е предвидено наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во Пробиштипско и Кратовско. Фазата 3 го опфаќа хидроенергетскиот потенцијал на системот, со вкупна проектирана моќност од околу 10 мегавати и очекувано производство од приближно 48 милиони киловат-часови електрична енергија годишно.

-За земјоделците од Пробиштипско и Кратовско, наводнувањето ќе овозможи производството да се планира според потенцијалот на земјиштето и потребите на пазарот, а не според количината на врнежи -рече Серафимовски.

Осврнувајќи се на придобивките, министерот истакна дека со ставањето на водата во функција на земјоделското производство се отвора простор за воведување нови култури, поефикасно користење на обработливите површини и развој на локални капацитети за откуп и преработка на земјоделски производи.

– Со целосното искористување на хидроенергетскиот потенцијал, „Злетовица” ќе придонесува и за производство на чиста домашна електрична енергија и за поголема енергетска отпорност на државата. Наша одговорност е овој систем да го довршиме и водниот потенцијал на регионот да го претвориме во конкретна вредност за земјоделството, за енергетиката и за луѓето што живеат овде – изјави Серафимовски.

The post ПОЧНУВА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ВТОРАТА И ТРЕТАТА ФАЗА НА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЗЛЕТОВИЦА“ Серафимовски најави ажурирање на целата документација appeared first on plusinfo.mk.