Градот Скопје влегува во нова фаза на урбан развој со реактивирање на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

Тој порача дека процесот кој подолг период бил во застој сега повторно се придвижува, со поддршка од Владата и меѓународните партнери.

– Конечно го откочивме целиот процес и се подготвуваме за започнување на прелиминарната фаза. Овој проект ќе има значително влијание врз мобилноста во Скопје – изјави Ѓорѓиевски.

Покрај БРТ системот, градоначалникот истакна дека се работи и на поширока стратегија за урбана мобилност, која вклучува развој на велосипедска инфраструктура, пешачки зони и алтернативни начини на движење во градот во наредните години.

Ѓорѓиевски се осврна и на инвестициите во комуналната инфраструктура, посочувајќи дека се набавува нова механизација за одржување на хигиената, која ќе биде од корист не само за Скопје, туку и за други општини во државата.

Според него, ова претставува една од најголемите инвестиции во оваа област во последниот период, со поддршка од Владата и Светската банка.

Во рамки на инфраструктурните активности, тој најави и продолжување на повеќе булеварски проекти кои биле во застој, меѓу кои и булеварот Македонија, познат како „Лимак“ проект.

Ѓорѓиевски порача дека очекува продолжување на соработката со Министерството за транспорт и Светската банка, со цел реализација на проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во Скопје и во другите општини низ земјата.

The post ПОЧНУВА РЕАЛИЗАЦИЈА НА БРТ ПРОЕКТОТ Скопје влегува во нова ера на урбан превоз appeared first on plusinfo.mk.