Започна реконструкцијата на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника „Идадија“, проект вреден над 31 милион денари, со кој објектот треба да добие современи енергетски ефикасни решенија и подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал.

Проектот „Реконструкција на ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Поликлиника Идадија со мерки за зголемување на енергетската ефикасност“ се реализира преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор (ПСЕЕП), кој го спроведува Проектната единица при Министерството за финансии, во соработка со Светска банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Договорот за грант меѓу Здравствен дом Скопје и Министерството за финансии беше потпишан во декември 2025 година, а по спроведената јавна набавка, во март годинава беше склучен договор со избраниот изведувач во вредност од 31.028.850 денари.

Поликлиниката „Идадија“, која е изградена во 1975 година, повеќе од четири децении функционираше со застарена инфраструктура, без соодветна термоизолација, со дотраена фасадна столарија, неефикасен систем за греење и старо осветлување.

Со реконструкцијата ќе бидат поставени нова термоизолациска фасада и кровна изолација, ќе биде заменета фасадната столарија, ќе се модернизира системот за централно греење, ќе се постави енергетски ефикасно ЛЕД осветлување и ќе се обнови електроинсталацијата.

Од Министерството за финансии очекуваат со реализацијата на проектот значително да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија, да се намалат трошоците за одржување и да се создадат подобри услови за здравствените работници и граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на поликлиниката.

Реконструкцијата на „Идадија“ е дел од пошироките активности за модернизација на јавната инфраструктура и унапредување на условите во здравствениот систем преку енергетски ефикасни и одржливи објекти.

The post Почна реконструкцијата на Поликлиника „Идадија“ во Скопје, инвестиција вредна над 31 милион денари appeared first on Прва Скопска ТВ.