Еден од најпопуларните хрватски пејачи на сите времиња, Мате Мишо Ковач, почина на 85-годишна возраст, изјавија денесka извори блиски до пејачот за хрватскиот портал „Индекс“.

Според информациите на „Слободна Далмација“, пренесени од ХРТ, легендарниот музичар починал во болница во Сплит.

Во текот на својата речиси петдецениска кариера, Ковач продал повеќе од 20 милиони плочи и остави длабока трага на музичката сцена во регионот.

Ковач е роден на 16 јули 1941 година во Шибеник, а зад себе остави музичка кариера долга повеќе од шест децении. Со заминувањето на Мишо Ковач, хрватската музика загуби еден од своите најпрепознатливи и најпопуларни изведувачи, чии песни со децении ги пееја генерации слушатели.

Неговото име е неразделно поврзано со безвременските хитови „Остала си увијек иста“, „Ако ме оставиш“, „Пољуби земљу“, „Сви пјевају, ја не чујем“ и „Далмација у мом оку“.

Големата популарност ја стекна во седумдесеттите и осумдесеттите години, а неговиот препознатлив глас и емотивните изведби го направија симбол на далматинската и хрватската музика. Во 2012 година ја доби наградата „Порин“ за животно дело.

Неговите песни станаа дел од музичкото наследство на Хрватска и беа слушани од повеќе генерации.

Пет пати бил прогласен за пејач на годината, а во 1989 година за личност на годината во Југославија.

Неговиот живот го одбележа и голема лична трагедија – во 1992 година го загуби синот Еди, кој имаше 16 години.